фотографија: Masina.rs
И тоа е зад нас. Очекувано спектакуларниот студентски протест во Белград и стравот дека ќе биде злоупотребен со исценирани инциденти и обиди за предизвикување насилство. Ниту „ćaciland“, ниту застрашувачкото испукување на звучниот топ, ниту силната желба на некои да се случи „петти октомври“ не успеаја да создадат хаос – луѓето останаа одговорни и присебни, а студентите ја задржаа контролата врз својот собир и на првиот знак на опасност решија да го распуштат, истрајни во намерата да не прават „завршни чекори“, туку „тектонски промени“. Борбата продолжува! Треба уште да се пумпа, па да продолжиме, без страв, право во идеологијата, на затруениот терен.
По месеци идеолошка конфузија, односно неизјаснување, во последно време се кристализираа појасни идеолошки определби, како меѓу студентите, така и во поширокото општество. Од една страна, се појавуваат и се сè поизразени знамињата „Нема предавање“ (како и Исус на црвена позадина, знаме под кое руските трупи убиваат во Украина, и четничките обележја), а од друга страна се настојувањата на либералната и опозициската јавност (и одредени студентско-младински групи) да го сведат студентскиот бунт и општествениот востанок на промена на режимот, да го преточат во јазикот на институционалната политика и на колосекот на либералната демократија, под привремена управа на „експертска“ влада која ќе обезбеди услови за фер и чесни избори, и така натаму.
Дискурсот за две Србии сака да се повампири, но неговото време е поминато. Спротивно на општото место во политиката во Србија (и пошироко), оваа бинарност не е судбина. Сосема е можно да се критикуваат двете позиции истовремено. Всушност, тие претставуваат две страни на истата капиталистичка паричка.
Двете ни укажуваат на клучните упоришта на системот. Знамињата и студентското молчење за нив ги откриваат невралгичните точки на поредокот, првокласните raison d’état на српската држава – Косово и етно-националната рамка на државноста, односно државниот интерес, и православието што му припаѓа – црни точки, опасни и повеќекратно табуизирани места во кои, со општ консензус, не смее да се чепка. Од привидно спротивната страна, инсистирањето на политичката рамка на либералната демократија нè држи во матрицата на „капиталистичкиот реализам“.
Разбирливо е (иако можеби не ни се допаѓа), имајќи предвид дека настојуваат својата борба да ја втемелат во уставниот поредок, студентите да не ги отвораат оние прашања кои се прокламирани со самиот Устав, во преамбулата, дека Косово е составен дел на Србија (значи „Нема предавање“), и во првиот член, дека Србија е држава на српскиот народ, па дури потоа на останатите (значи, национален интерес). Овие прашања, очигледно, не се предмет на студентската борба. Студентските барања немаат никаква врска со нив.
Ако се согласуваме со Дејан Илиќ дека „не е нивно да нè спасуваат од нашето, а не нивното, лошо минато“, тогаш прифаќаме и дека студентската борба има свои граници, и дека таа, не нужно, но можеби, е токму оваа. Не е на студентите да ги отворат сите прашања, ниту да ги артикулираат. Тие и самите го истакнуваат тоа: „одговорите на најопштите државни и општествени прашања не се однесуваат исклучиво на студентите и затоа не смеат да паднат само на нашите грбови“.
На многумина им е тешко да го сварат дури и она што студентите досега го отворија – со своето четврто барање, со својата пленумска организација, со своите соопштенија и акти (Писмо до народот на Србија, Студентски едикт, Писмо до студентите ширум светот) – проблематизирајќи ја и либералната (претставничка) демократија и нејзината неолиберална економска рамка, повикувајќи на „промена на системот“. Што точно се подразбира под таа промена, останува недоречено, па бројните противречности на борбата, студентската и пошироката општествена, им овозможуваат на сите да ја толкуваат според својата мера.
Промена на режимот или промена на управувањето
На самата површина, промената на системот имплицира промена на режимот. Тоа е нивото на кое оперира целата опозиција, опозициските медиуми и мејнстрим коментаторите од сите страни. Истите луѓе (или нивните идеолошки следбеници) повторно ја ветуваат истата либерална демократија, како изминатите триесет и нешто години да не се случиле, како либералната демократија да не доживеала колапс дури и во својот центар. Со зборовите на Борис Буден, за нив „крајната цел на протестот е јасна и недвосмислена: да се исчисти државата од корумпирани елементи и така да се изврши некој вид генерална поправка, по која таа ќе проработи како нова.“ Веројатно, според принципот трета среќа, Србија конечно ќе стане „нормална“ држава.
Од оваа перспектива, која политиката ја сведува на политичкиот систем на либералната демократија, студентскиот протест се критикува како антиполитички. „Решението мора да [се] најде во политичката арена“, велат, а политичката арена се партиите, изборите, парламентот и слично. За да се заврши, бунтот на „аморфната, политички неартикулирана маса“ мора да се протне низ соодветните канали – од една страна политичкиот систем, а од друга граѓанското општество.
За среќа, политиката е многу поширока од институционализираната политика, а актерот на бунтот во Србија не е ниту „аморфна маса“ ниту граѓанскиот сектор што ги преведува барањата на масата до т.н. носителите на одлуки, туку општеството (она што Парта Чатерџи, проучувајќи го политичкото дејствување на жителите на нелегалните населби во Индија, заедници кои немаат никаква правна основа, во контраст со граѓанското, го нарече политичко општество).
А тоа општество во изминатите четири месеци во голема мера политички се самоорганизираше, надвор од формалните политички институции. Тоа секојдневно политички дејствува во студентските пленуми, во новоформираните неформални здруженија на просветните работници и нивните барања, во иницијативите Културата во блокада во Белград и Кикинда, во пленумот на Народната библиотека, во разни соседски групи, во родителската самоорганизирана поддршка за наставниците и учениците, во окупацијата на приватните факултети, во протестите и барањата на работниците во белградскиот ГСП и аптекарките во Белград, Крагуевац и Ужице, во акциите на земјоделците во Богатиќ и Рача, во Групата инженери на Србија, во бојкотот на трговските ланци, во штрајкот на културните институции, во движењето против проектот Јадар, во формалните и неформалните групи што се борат против безумните „развојни“ проекти како што се EXPO и хотелот Генералштаб, во иницијативата на работниците од ИТ секторот да обезбедат финансиска помош за просветарите во штрајк, и така натаму, списокот изгледа бесконечен. Освен некој полуангажиран синдикат или струковно здружение, сите овие политички иницијативи се вонинституционални. Само во исклучителни случаи, како во Краљево, опозицијата ужива доволно доверба и легитимитет за општеството да застане зад неа.
Во „Писмото до народот на Србија“ (ќе забележам, со надеж, дека студентите не му се обраќаат на српскиот народ, туку на народот на Србија), студентите буквално го исцртуваат она што со месеци е имплицирано во нивното делување, а што бројни аналитичари и наводни политички претставници упорно го игнорираат. На прашањето „кој е следниот чекор“, студентите недвосмислено одговараат: „Сите на собир.“ [„Svi u zborove“]
Навистина не може да биде поочигледно дека студентите ја замислуваат промената на системот многу подлабоко од обичната промена на режимот. Тие се залагаат за промена на начинот на управување, повикуваат на непосредна демократија и институции што се градат оддолу.
На тестот за поддршка за ова студентско определување паѓаат политичарите и дежурните носители на мислења, но и други, наводно попрогресивни актери, како Културниот центар на Белград, иако декларативно стојат зад студентите и побунетото општество. Излегува дека ја поддржуваат побуната само до границата до каде што и тие нема да се доведат во прашање. Наместо да учествуваат во неа, колку и да е тоа тешко, вработените во КЦБ се оградуваат од окупацијата на Двораната и жалат за изгубената филмска програма, со што сами се исклучуваат од борбата, останувајќи на нивото на virtue-signalling (лажно искажување на солидарност), без вистински „влог во играта“. Не се сомневам, како што посочуваат бројни коментари, дека и „ослободувањето на КЦБ“ има свои важни проблеми, но не може да се негира дека со чинот на заземање на физичкиот простор беше направена пукнатина во вообичаениот поредок на работите, овозможувајќи ни да зборуваме за тоа сега, и да потврдиме, како што нагласува Кристин Рос, следејќи го Чернишевски, дека „делата создаваат соништа и идеи, а не обратно“.
Истото го истакнува и Рансиер во своето писмо за поддршка на студентите: „За оние што се борат против угнетувањето, не постои друга организација освен самоорганизирањето (…) Движењето на студентите и младите во Србија нè потсетува дека не можеме да ги одвоиме целта и средствата и дека демократијата не е надворешна цел, туку практика, самиот живот на движењето.“ Токму таа пракса на студентската демократија ја изнедри сета убавина и сите соништа на побуната.
Во позадината на либералната демократија
Virtue-signalling се покажува и како омилена поза на загрижената либерална јавност, која се згрозува од знамињата „Нема предавање“ и кокардите, додека истовремено го негува „митот за Зоран“, некритички го канонизира, наместо да го проблематизира, наследството на државникот кој ги изедначи четниците со партизаните, ја воведе веронауката во училиштата и беше склон кон склопување „прагматични“ сојузи. На крајот, кога станува збор за Косово, политиката на владата што ја водеше тој не се разликуваше значително од онаа прокламирана во Уставот од 2006 година, чие носење го поддржаа неговите политички и идеолошки наследници. Да не зборуваме за билансот на неговата економска политика.
Дури и нејзините најголеми адути [на либералната јавност], „нормалноста“ што со децении ја ветува и „европските вредности“, односно „европскиот начин на живот“ во кој се надева, во меѓувреме станаа оружје во рацете на радикалната десница. Да потсетам, изборниот слоган на германската AfD на неодамна завршените федерални избори беше: „Германија, но нормална“, а одбраната на „европскиот начин на живот“ е главниот дискурзивен инструмент со кој се оправдуваат смртните случаи на бегалците во Средоземното Море.
Без разлика на сите фини јазични нијанси, особено видливи во спротиставувањето на граѓанското општество наспрема етничкиот национализам, темелот на европската либерална демократија (како и оваа наша, во обид) не е ништо друго освен националната држава, до срж верна на „основачката равенка на модерната републиканска држава“ – националност = државјанство, како што истакна Етјен Балибар.
Опозицијата, како и либералната јавност, не сака да заплива во тие матни води. Недај Боже да се погледнат малку во огледало. Попрво би да останат на сигурно: во школките на формалните политички институции, каде што од политика нема ни трага. Политиката е на друго место.
Бидејќи за студентите, за разлика од опозицијата, „демократијата не е надворешна цел, туку пракса“, тие ја отворија дури и оваа тема. Благодарение на нивната борба, можеме да видиме што се случува во Нови Пазар, можеме да ги видиме Бошњаците, Словаците, Власите, Ромите – не како карикатури на своите политички претставници, ниту како „малцинства“, туку како рамноправни членови и членки на општеството.
Ништо од тоа не ја засега опозицијата, таа лута изгубена, неспособна да пронајде улога за себе. Можеби треба да се обиде да биде медијатор, а не претставник? Можеби наместо да зборува во име на општеството, треба да создаде простор во кој општеството ќе може да проговори само (нешто што тоа веќе секако го прави). Наместо да се обидува да формира привремена влада меѓу своите редови, која тешко дека би имала легитимитет да претставува било кого освен самата себе, можеби е време да се сврти кон веќе широко самоорганизираното политичко општество.
А кога велам општество, не мислам (само) на граѓанскиот сектор (на кој и онака му се заканува колапс по повлекувањето на американските средства), ниту на Проглас, кој, и покрај сите добри намери, не е ништо повеќе од самопрогласен претставник кого никој не го овластил да го претставува. А особено не мислам на десничарските и радикално десничарските групи и нивните обиди да ја преформулираат или преземат студентската борба (како што се случи во Чачак).
Мислам на Асоцијацијата на училиштата во штрајк, мислам на побунетите аптекарки, воспитувачки, социјални работнички и културни работници, мислам на земјоделците, мислам на СЕОС и другите групи за заштита на природата, на собирот на граѓаните во Раковица. Мислам и на ветераните. На работниците во оние неопходни сектори, кои допрва треба да се придобијат или да им се помогне да се побунат. На репресивниот апарат.
Ако сака да стане релевантна, а пред сè ако сака да биде корисна, опозицијата би можела да влезе во дијалог со овие групи, да ги слуша, да ги зајакнува и меѓусебно да ги поврзува, да договара со нив стратегии, привремени решенија, претставници и приоритети. Може да се обиде да биде присутна таму каде што се кова новата политика, каде што се градат нови институции, нови перспективи, и таму да ги отвора прашањата, дури и оние болни и непријатни – за минатото и за државните темели.
Политичка економија и црната точка на студентските протести
Отстапувањето од „капиталистичкиот реализам“, односно барањето за промена на економската парадигма, е имплицитно во студентското делување, како и во акциите и барањата на другите побунети општествени групи. Сите тие тргнуваат од очигледната вистина дека времето на веселата глобализација е завршено и дека капитализмот, особено во својата неолиберална форма, наместо просперитет донесе пропаст, па затоа бараат поинаква насока. Студентите, културните работници, здравствените и социјалните работници бараат поголеми јавни инвестиции, работниците на белградскиот ГСП и Аптеки Белград бараат запирање на приватизацијата и ревизија на постојните јавно-приватни договори, СЕОС бара целосно прекинување на проектот Јадар, работниците на Пролетер од Ивањица, кои со недели ја блокираат фабриката, не му дозволуваат на сопственикот да изнесе стока и суровини и бараат да им се исплатат заостанатите плати.
Неволноста да се преиспита економската рамка на поредокот е највидлива во игнорирањето на оние општествени актери и аспектите на нивната борба кои [истиот] го предизвикуваат. Така, блокадите на приватните факултети се целосно маргинализирани, и покрај притисоците и заканите што ги трпат студентите што учествуваат во нив. Како што пишува Татјана Росиќ, тие го поставуваат прашањето дали може академската слобода да постои во корпорациска приватна фирма, на која, на крајот, остварувањето профит ѝ е врвната цел. Или, пошироко, може ли да постои приватна агора, приватен посед наменет за јавни слободи. Одговорот треба да ни биде повеќе од јасен ако ја погледнеме брзата трансформација на некогашниот Twitter во фашизоидниот X. Најсвеж пример за границите на академската слобода во рамките на приватна корпорација е апсењето и планираната депортација на про-палестинскиот активист Махмуд Халили во САД, спроведена со поддршка на неговиот универзитет Колумбија.
Поаѓајќи од политичката економија, можеме да се вратиме и на црната точка на студентските протести – неприкосновеното Косово и националната формулација на државниот интерес. Како што знамето „Нема предавање“ доминира во просторот затоа што на тоа поттикнува Уставот, така и националниот интерес, по инерција, тежи да ја потисне класната природа на општествениот бунт. Несогласувањето меѓу националниот и класниот интерес, односно прашањето дали ќе надвладее класната или националната перспектива на борбата, е клучно за иднината и на самата побуна и на Србија.
Да направиме чекор назад и да го разгледаме досегашното делување на националните анти-естаблишмент проекти. Во својата анализа на економските програми на радикално десничарските партии во Европа, Јан Ретиг заклучува дека нивната политика може да се смета за делумно антисистемска, бидејќи раскинува со слепата вера во пазарот. Сепак, таа го прави тоа исклучиво за заштита на домашниот приватен капитал. Додека од една страна воведува протекционистички мерки, од друга го продолжува неолибералното пустошење на јавниот сектор и обесправувањето на работниците.
Оваа насока станува очигледна кога ќе се погледнат првите неколку месеци од претседателствувањето на Трамп. Најдоследниот „борец против естаблишментот“ му подарува милијарди долари преку државни договори и субвенции на својот пајташ и неформален second-in-command (и најбогат човек на светот), додека истовремено ги укинува програмите за поддршка на сиромашните, ги крати финансирањата за универзитетите и научните проекти, радикално го намалува јавниот сектор оставајќи илјадници луѓе без работа и приходи.
Во Европа, и десничарските и центристичките влади, во својот занес за војна, вбризгуваат огромни финансиски средства во приватните воени индустрии, разоткривајќи се – иако шокирани од „предавството“ на Трамп – како верни следбеници на неговиот империјален пресврт. На улиците на Берлин насекаде можат да се видат билборди кои рекламираат воени дронови од германско производство, на компанијата Quantum Systems, каде што еден од најголемите инвеститори е сопственикот на Palantir, долгогодишниот финансиер на Трамп и докажан радикален десничар, да не речам фашист, Петер Тил. Според медиумските извештаи, Quantum Systems во 2025 година ќе го удвои производството на дронови наменети за војната во Украина.
Трамповото отворено отфрлање на меѓународното право и поредокот воспоставен по Втората светска војна, во корист на нескриената империјална политика, ја разоткри Европа како периферија – не како партнер, туку како сфера на интерес, како некој вид на Близок Исток или Латинска Америка, по која некогашниот „беневолентен“ хегемон талка како што ќе посака, додека со другата потенцијална империја (Русија) се обидува да ја договори поделбата на пленот (Украина).
Земја, а не територија
Каде овие заблудени милитаристи ќе бараат суровини за своите империјални походи? Кого ќе користат како топовско месо? Сигурно не своите деца, туку нашите. А под нашите не мислам само на српските, туку на сите периферни, сите маргинализирани, сите работнички, сите граничарски, како што се децата на Украина, сите „одвишни“, како што се палестинските деца кои го зафаќаат просторот кој би можел да стане „прекрасна ривиера“.
Ако националните интереси, олицетворени во знамињата „Нема предавање“, надвладеат во борбата за значењето и целите на општествениот бунт, Србија ќе остане да се приклучува кон некоја прва, втора, трета или петта империјална сила, ставајќи ѝ на располагање сè што има – луѓе, земја, ресурси. Во тоа сценарио, единствените што можат да поминат добро се компрадорските елити, и политичките и економските.
За разлика од националната перспектива, која засега, барем колку што јас гледам, е присутна исклучиво симболички, класната и интерсекциската перспектива извира од и ги проникнува сите аспекти на студентскиот и општествениот бунт. Нејзините слогани се правда, солидарност, еднаквост, заемна помош, достоинствен живот за секого.
Спротивно на анти-системската десница, чија основа лежи во есенцијализам и нативизам, во родови, класни, расни и етно-национални хиерархии, анти-системскиот набој на студентската борба е длабоко феминистички затоа што во прв план ја става етиката на грижата, за различните, за послабите, за угнетените, за невидливите и заборавените, затоа што длабоко го вреднува животот (не само човечкиот), инсистира на ненасилство, заедништво и грижа за општото добро, тој е антифашистички затоа што се грижи за тоа како се другите, анти-колонијален и анти-империјален е затоа што ја одбива логиката на супериорноста на едни над други, и, секако, класен, затоа што не прифаќа дека присвојувањето и експлоатацијата се „природни“.
Колку и да се трудат нашите излишни политички претставници да воспостават некоја нова итерација на старата либерална демократија, меѓународниот систем во кој Србија, сакала или не, егзистира, е неповратно изменет. Во минатото не можеме да се вратиме. А и зошто би? Тоа минато е одговорно за апокалипсата во која живееме – политичка, економска, еколошка, која на денешните деца им го укинува правото на иднина. Наместо да избираат дали ќе изгорат во нуклеарна војна или ќе ги спржи сонцето, младите избираат барем да се борат за можноста за една поинаква иднина.
Затоа овој текст може да се чита и како молба до либералите ако веќе не сакаат (или не умеат) да им помогнат во тоа, барем да не им застануваат на патот. Нема готови решенија, а особено не се тоа оние кои повеќепати завршиле со фијаско. Нема утврдени патишта, секој чекор напред е високо ризичен, а исходот неизвесен. Студентското движење е политички недоречено, понекогаш несмасно во артикулацијата на своите принципи, осудено, како и сите ние, на терминологија и поимовен апарат наследен од систем што умира. Нивните идеали не се до крај формулирани, но конкретноста на нивната борба создава „идеи и соништа“.
Во заедничкото размислување и замислување на поинакви економски и политички реалности, можеме да си помогнеме ако го подигнеме погледот надвор од нашата индивидуална борба. Да погледнеме во правец на минатото, во искуството на Париската комуна, во правец на таканаречениот глобален Југ, во Рожава, општество без држава, во плуринационална Боливија, во правец на палестинскиот отпор, кој за свој симбол ја зема маслинката, а во центарот на својата борба ја става земјата, не како државна територија, ниту како сопственост, туку како почва што дава живот. „Сите држави и сите граници се измислени, вистинска е само земјата, а земјата нè прифаќа каде и да умреме“, како што мудро вели Јусра, во серијата Mo. Земјата е наша не затоа што сме ѝ автохтони, ниту затоа што ја поседуваме, туку затоа што се обврзуваме да се грижиме за неа, да ја обновуваме, бидејќи обновувајќи ја земјата, единствено можеме да се обновиме и себеси.
Во секој случај, ќе биде како што ќе каже пленумот.
Авторка: Саша Савановиќ
Превод: Грација Атанасовска
Извор: masina.rs