Дента кога Ен Карсон ја доби Нобеловата награда за литература ми изгледаше како некаков светски празник, барем на неколку часа. Ваквиот занес секако дека се должи пред сѐ на алгоритмите во кои ми се маринира мозокот секојдневно, како и сторињата на луѓето со кое го делиме истиот fandom we fall for. :) Живееме во време кога е доволно човек само малку да поскрола по дневните вести за да заклучи дека очигледно се истрошени (речиси) сите причини за празнување. Логично, иако безмалку страшно, е човек да си помисли и кому му е гајле за поезија во кризни времиња. Сепак, тешко е да се замисли каква било смисла во иднина, а таа да е лишена од човек и од збор. Во ретките мигови кога одѕвонува ехото од нечиј поетски глас на различни јазици и на различни страни во светот заискрува нова чиста светлина која нѐ поврзува. Секако, денес ова се случува и без академската помпезност и награди како Нобеловата, но тоа не го прави славењето на Карсон помалку важно. Прекрасно е кога дигиталниот простор е преплавен со оддавање почит кон делото на овој извонреден ум чија мисла и намера можат да ни бидат остров во свет кој се дави во тензии, насилство и паника од маглата на престојната иднина. Непосредноста и остроумноста во текстовите на Карсон се видливи и во интервјуто направено со неа само неколку часа по прогласувањето на наградата.
ИНТЕРВЈУ (Бабел со Јесика Гедин, Шведска национална телевизија, 8 октомври 2026, епизода: Сѐ за годинешната нобелова добитничка за литература, Ен Карсон)
(оригинален наслов: Babel med Jessika Gedin (SVT) Allt om årets Nobelpristagare i litteratur, Anne Carson, tor 8 okt 2026)
Eксклузивното интервју со Ен Карсон за шведската национална телевизија беше направено 7 часа по доделувањето на Нобеловата награда преку Фејстајм и емитувано следниот ден во емисијата „Бабел“, најголемата програма за литература во регионот на нордиските земји која е во етерот од 2005 година.
Разговорот го води Јесика Гедин, главна уредничка и водителка на емисијата.
ЈГ: Ен Карсон делува еднакво кул и непретенциозно и малку остро како нејзините текстови. Добив таков впечаток кога фејстајмувавме пред неколку часови. Таа и нејзиниот партнер се наоѓаат во нивниот дом на Исланд.
ЈГ: Ен Карсон, баш ми е драго што те гледаме.
ЕК: Здраво.
ЈГ: И честитки за наградата.
ЕК: Фала.
ЈГ: Каде беше кога го прими повикот од Шведската академија?
ЕК: Каде ли бев…? Во кујната, во Рејкјавик.
ЈГ: На кој му соопшти прво? На мажот ти, претпоставувам.
ЕК: Не кажав никому. Го исклучив телефонот. (Роберт се смее гласно во позадина). Никој не беше дома. Беше ли ти дома?
Р: Не, јас ти реков дека треба да им возвратиш на повикот.
ЕК: Евентуално, да. Супер ти е џемперот, инаку!
ЈГ: Фала, и твојот!
ЕК: Овој ми е фејк исландски џемпер од Мичиган.
ЈГ: Еднаш те имаат прашано како гледаш на успехот и имаш вака одговорено: „Бидејќи не сум во мода во последно време, живеам како Хиперборејка. Колку што знам, тоа се митски луѓе кои живеат зад северниот ветар. Со кое митско суштество се поистоветуваш денес?
ЕК: Со тоа што бега. Некое со брзи нозе, способно да избега. Не знам кое суштество би било тоа. Повеќе не е ниту митско, туку е пререално.
ЈГ: Така ли се чувствуваш? Се исплаши ли што ја доби Нобеловата?
ЕК: Едноставно, збунувачки е. Наградите се збунувачка работа. Бидејќи постои и еден куп други луѓе кои ја заслужуваат и реално, човек може и на сите нив да им ја додели. Да… збунувачки е едноставно,.
ЈГ: И доста свежо. Поминати се само неколку часа откако ти ја соопштија веста.
Грчките митови се централен мотив во твоите дела. Што те привлече кон нив од почетокот?
ЕК: Мислам дека не ме привлекоа самите митови, туку јазикот. Научив старогрчки додека бев во гимназија. Тоа ми ги промени чувствата кон јазикот и пишувањето од корен.
Кога читате старогрчки текстови, повеќето од нив се за митови, па така се посветив на митовите. Сепак, немам многу трпение за митовите. Но имам огромна почит кон јазикот кој ни ги пренел тие приказни.
ЈГ:Имаш изјавено „Мојата среќа и кариера ѝ ги должам на Алис Коуан (Alice Cowan) од Гимназијата „Порт Хоуп“ (Port Hope). Која е таа?
ЕК: Таа беше професорка по латински која волонтираше и ми понуди да ме подучува старогрчки на паузите за ручек. Го правевме тоа година дена, а потоа јас станав тоа што станав. Така што, благодарение на неа се отворив кон грчкиот јазик.
ЈГ: Знаеш ли дали ти ги има прочитано делата?
ЕК: Не, почина пред неколку години. Но ѝ пишав откако ја напишав мојата прва книга „Автобиографија на црвеното“ која се бави со старогрчки нешта. Ѝ ја испратив, но не ми одговори. Молкот траеше со години. Но еднаш, бев на едно читање во Канада, кога ми пријде една личност и ми рече дека е ќерка на Алис Коуан. И ми рече дека Алис ја ценела книгата што сум ѝ ја испратила, и дека го ценела тоа што сум ѝ оддала признание со тоа што сум ѝ ја посветила книгата. Тоа е сѐ што знам. Потоа ќерката исчезна, а јас никогаш повторно не стапив во контакт со Алис. Претпоставувам дека се поврзавме привремено, и потоа ни се разделија патиштата.
ЈГ: Судбина.
ЕК: Да, судбина. Веројатно.
ЈГ: Велиш дека радо се нарекуваш пронаѓачка отколку поетеса. Зошто?
ЕК: Поетеса звучи толку претенциозно. Тоа е нешто многу длабоко. Како да се биде Хомер, да речеме. А јас отсекогаш си мислев дека само си играм.
ЈГ: Сакаш ли да ја избегнуваш претенциозноста?
ЕК: Претпоставувам дека сите го сакаат тоа. Или би требало да го сакаат, подобро кажано. Алудира на некаква лажност, едноставно.
ЈГ: За неколку часа ќе имаме читачки клуб тука во студиото и ќе зборуваме за „Автобиографија на црвеното“. Оваа книга многу им значи на твоите читатели. Какво значење има таа за тебе?
ЕК: Па најмногу ми значи тоа дека допира до многу луѓе, нешто што секогаш ме изненадува. Мислам дека авторите не очекуваат дека ќе допрат до некого кога почнуваат да пишуваат. Така што, веројатно ми значи тоа колку е пристапна. Јас и мажот ми и уште неколку Исланѓани и еден глумец, Бен Вишав планираме да ја драматизираме книгата. Текстот успева да се отвори кон различни медиуми и тоа е добро. Сакам нешта кои водат кон нови нешта.
ЈГ: Книгата има многу теми. Се работи за митското суштество Герион. Но тебе те интересира мајка му. Зошто?
ЕК: Се интересирав за него како за вистинска личност, Сакав да го избришам монструозното, да го истакнам човечното и да видам како е да се биде чудовиште со црвени крила на петгодишна возраст кое оди на училиште и мајка му го протерува низ вратата. Книгата беше начин да се размислува за митовите и за јазикот на кој се раскажани приказните за тој мит, и да се види што всушност ги поврзува.
ЈГ: Мислиш ли дека има некое истакнато прашање што треба да си го поставиме кога зборуваме за книгата? Можеби околу значењето на црвената боја или важноста на придавките?
ЕК: Обете се добри прашања. Мислам дека не можам да ви кажам кои прашања да ги поставите. Тоа ќе морате да го направите сами. Но кога би почнувала сега одново, би ја истражувала црвената боја, да.
ЈГ: Така и ќе сториме! Сега живееш на Исланд, земја полна со митови. Зошто се пресели таму?
ЕК: Бидејќи ни се допаднаа луѓето, пред сѐ. Сретнавме куп луѓе со уметнички проекти и сакавме да правиме уметнички проект заедно со нив. И така одлучивме да живееме овде.
ЈГ: Денес исто изјави и дека секој втор човек на Исланд е поет(еса).
ЕК: Така велат тие! Сите се самопрогласени поети или некакви уметници. Овде сите работат барем три различни нешта.
Р (во позадината): И ги работат добро!
ЕК: Да, добри се во работата. Кури се оперираше пред неколку години и излезе дека неговиот хирург го преведува Данте, како што ни кажа самиот. Онака, на страна, во слободно време!
ЈГ: Совршената земја за тебе, значи!
ЕК: Да, и ние така мислиме.
Р (кон Јесика): Си била ли некогаш?
ЈГ: Не, ама сега ќе дојдам штом вака зборувате.
Р: Мораш да дојдеш! Прекрасно место!
ЕК: Да, зошто да не?
ЈГ: Ќе дојдеш ли во Стокхолм во декември?
Р: Тогаш ли е тоа?
ЕК: Не знам, ништо ми немаат кажано.
ЈГ: На 10 декември, на доделувањето.
ЕК: Не знам, имаме многу работи за правење во декември. Ќе треба да размислам.
ЈГ: Се надевам дека ќе дојдеш. Што ќе правите вечерва? Ќе славите ли?
Р: Ќе одиме на хорски концерт.
ЕК: Да, на хорски концерт. Уште една работа за Исланѓаните е дека секогаш пејат. И сите се во некој хор, па имаат хорски концерти. Одиме на еден баш добар концерт.
ЈГ: Звучи како одличен начин за славење. Уште еднаш би сакала да ти честитам за наградата и се надевам дека ќе те видиме во Стокхолм во декември.
ЕК: И јас се надевам. Фала!
ЈГ: Чао!
ЕК: Чао!