Се враќам да ја затворам вратата,
а јас влегувам убава со
сон прекршен на половина
со сонце изгубено на земјата,
се враќам да ја затворам вратата – вратата
на сите влегувања
и излегувања.
Даница Ручигај е првата македонска поетеса родена во 1934 г., која ненадејно загинува во катастрофалниот земјотрес во Скопје, 1963 г. Песната е од нејзината втора збирка „Заробеници на ветрот“, објавена постхумно.
По завршувањето на средното образование, Ручигај студира на Филозофскиот факултет во Скопје, каде што дипломира југословенска книжевност. Својот краток работен век го поминува во Министерството за култура на Македонија. Даница своите први песни ги објавува во 1955 г. во познатите литературни списанија Современост и Разгледи, а подоцна се појавува и во периодиката од другите јазични подрачја на некогашна Југославија, афирмирајќи ја преку нив младата македонска поезија.
Во 1960 г. ја објавува својата прва стихозбирка „Сребрени ноќни игри“, со што станува првата македонска поетеса со објавена книга. Низ целата стихозбирка, која им ја посветува на мајка си и на својата сестра Златица, провејува една и единствена нишка – љубовта.