Калиа: Тешко ми е да започнам и затоа, како по обичај, ќе позајмам туѓи зборови кои останале со мене од процесот на уредување на книгава. Станува стресно да се пишува, (доволно метаиронично) пишува Лири Кучи во својот текст „Замислувајќи отаде конечното небо“. Со оглед на тоа што сум церемонијална личност, составувањето на роденденската публикација на „Медуза“ ми е важен процес, зашто ми претставува своевидно (колективно) заокружување на годините. А со оглед на тоа што секоја година воздухот станува сѐ погуст и потежок, сфатив дека овие заеднички ум и срце ми се потребни за да можам да продолжам да дишам. И јас почесто од што сакам да си признам се чувствувам како да станува стресно да се пишува, зашто секоја реченица ми изгледа некако „издишанa“, тажно хоризонтална, еднодимензионална и немоќна. Сепак, пишувам можеби повеќе од кога било. А кога осамениот, ранлив глас ќе се одважи да проговори, а особено кога ќе се сретне со друг(и), се осмелуваме да продолжиме да создаваме заедно. Како и секогаш, ќе си дозволам да бидам сентиментална, и ќе кажам дека книгите ми се важни и сакам да бидам дел од нивното создавање, зашто се некој (можеби наивен, можеби не) гест на верба. Во моментов, лесно е човек да престане да верува, но мене инаетот не ми дозволува такво ниво на цинизам. Па еве ме. Како се чувствуваше ти во овој процес? Ти губи ли малку смисла пишувањето?
Душица: За жал, има и такви денови кога ме следи чувството дека зборовите се мачат да ѝ дадат форма на непосредната стварност, останувајќи неми наспроти некои други, наоружани зборови, што се лепат за обесправени тела. Истовремено, немам баш здрав однос ни кон сопственото пишување. Пред само месец дена ги завршив мастер-студиите, каде што буквално не зедов здив од пишување и чувствувам како да ми треба оддишка за повторно да најдам смисла и задоволство во процесот. Како што велиш и ти, пишувањето знае да биде осамувачки и ранлив процес во кој постојано ги премеруваш зборовите што излегуваат. Уште поосамено станува ако на зборовите не им дозволиш да видат бел ден. Ми се чини дека жените, квир и останатите маргинализирани гласови не се плашат толку од книжевната традиција – бидејќи никогаш не ни биле дел од неа, односно од „канонот“ – но постепено почнуваат да се сомневаат дали воопшто можат и смеат да творат (Can I do this?). Факт е дека што и да напишеме ќе биде критикувано или како премногу лично или како премногу политичко. Но, ми се чини дека кога (условно) ја прифаќаме оваа исклучена позиција, се осмелуваме да експериментираме. Феминистичката книжевна ѝсторија се одликува со непослушност кон гласот и формата, со подривање на авторитетот на сезнајното Јас на писателот чие искуство се протнувало како универзално и со прегрнување на личното, релациско, анегдотско, телесно, општествено и вонинституционално знаење.
Нашите платформа и публикација ги сметам за дел од таа традиција на дискурзивно и отелотворено политичко делување. Затоа и толку уживам во улогата на онаа што набљудува при уредувањето (како прв чекор). Обично читам со насмевка и воскликнувам кога автор(к)ите си ги поместуваат сопствените граници и книжевните правила во пишувањето. Ајде заедно да ги рониме закоравените брегови и да исцртаме нови мапи! Како што вели Урсула ле Гвин, нашите вистини ја менуваат географијата на светот. Не може да се молчи пред овие планини. А штом ќе ги изодиме заедно, таму горе полесно се дише.
Изгледа и мене ме „завозе“ инаетот. Што мислиш, дали секоја година стануваме малку посмели со книгата?
Калиа: Ми се допаѓа што смелоста се појави во разговоров, зашто мислам дека е од оние вредности кои постојано треба да се преиспитуваат и наспроти кои истражуваме колку сме способни, креативни и флексибилни да продолжиме да сонуваме во различни околности. Веројатно инаетот те носи донекаде, но ни одблиску не е доволен за соочување со стравот. А стравот има толку многу лица и е толку присутен во нашите срца, што навистина е потребен напор за секое утро да минеш низ него (kudos Dune). Потребен е напор да се растрга бучавата – внатрешна и надворешна – за да чуеш, имаш срце кое упорно чука. Лесно е да се отфрли секој обид, секој збор, секој здив како неважен, всушност, тоа од нас и се очекува. Секој ден посткапиталистичкава апокалипса станува сè посурова и не постои ниту еден механизам на „делулу“ што може да нè заштити. А и не треба! Повлекувањето и затворањето на очите, ушите и усните (налик оние емоџиња со мајмунчиња) во име на „регулирање на нервниот систем“, „потрага по внатрешен мир“ и „исцелување“ се себичност завиткана во обланда.
Сепак, потребни ни се механизми за да минуваме низ стравот и во таа смисла, раскажувањето приказни не смееме да го гледаме како луксуз или привилегија, туку како длабока потреба за поврзување и механизам на преживување.
Ми се појавуваат неколку реда на Мери Оливер, односно инструкции за живеење на животот:
Обрнувај внимание.
Биди зачудена.
Раскажи.
Звучи едноставно на хартија, но во пракса не е, особено не денес. Сите овие години поминати со „Медуза“, работејќи и растејќи со толку различни луѓе, приказни и гласови, на овој или на оној начин, ме доближува до овие инструкции. Всушност ме доближува до самата себе и до светот и времето во кои случајно (или не) постојам и создавам. Да ти одговорам конечно на прашањето – да, мислам дека стануваме посмели со книгата и мислам дека тоа е природен одраз на нашето растење како жени, авторки и уреднички, на издржливоста и развојот на „Медуза“ заедницата, како и одраз на реалноста во која сме фрлени.
Јас веќе немам време, енергија, ниту интерес за одредени дилеми и стравови кои ми го окупирале менталниот простор во минатото, пред сè зашто биле производ на буката која ја споменав погоре. Онаа наследена, вековна, насилна бука која (доколку ѝ дозволиме) ќе ни ги исполни телата, умовите и душите со чувства на неадекватност, себесомнеж, страв и (себе)омраза. Од таа бука не може да се земе здив, па камоли да се мисли или пишува ослободено. Затоа многу ми легна насловот „Без здив“ – добро ја доловува и доближува соматската димензија на социо-политичката реалност. Како дојде до овој наслов?
Душица: Веројатно баш преку соочување со стравот и неговата моќ да го парализира и проголта телото. Во периодот кога почнавме понасочено да размислуваме за овогодишната тема, фразата „без здив“ како самата да се насели и почна да ми одѕвонува во глава (плус, носи една впечатлива фоносемантика, односно звучен симболизам што ми се допаѓа – за да го изговориш убаво, треба да застанеш и да земеш здив). Додека ти одговарам и ѝ се навраќам на годинава, повторно ме фаќа тој телесен грч со кој живеев (а и на многу нивоа сѐ уште живеам) како резултат на прегореност, изразена анксиозност, чувство на неизвесност за иднината, секојдневен наплив на информации и известувања за сеопштата, глобална нестабилност што или го маскираат хоророт или предизвикуваат чувство на немоќ што нѐ убедува да се помириме дека едноставно работите во светот не можат да бидат поинакви. Ми застанува здивот со секоја нова победа на екстремната десница, што носи пораст на мизогинија, расизам, ксенофобија и хомофобија, со секоја фотографија од рушевини и скршени тела од непрекинатиот геноцид во Газа, од немањето емпатија, од еколошките катастрофи, од неодржливите инфраструктури низ кои се движиме секој ден, надевајќи се дека нема да ни е последен, како што беше за тие петнаесет несреќни лица – како да е прашање на агенс и индивидуална (не)среќа – што се најдоа под натстрешницата во Нови Сад на први ноември. „Без здив“, во овој случај, значи буквално секнување на здивот – зашто на болестите и смртта им должиме искреност наместо прибегнување кон метафори.
Дополнително, насловот бара да се соочиме со социо-политичката и културна смрт што ни го гуши духот, особено духот на младите (тема со која се занимава Борјан Гаговски во „Колективната поддршка единствено продира низ маглата цинизам околу нас“), со отровниот воздух (Скопје е повторно меѓу најзагадените градови во светот), со неконтролираното градење и несовесното попречување и одземање на јавниот простор (на што се осврнува Филипа Сара Попова во „Не е веќе кул да се гради“), препознавајќи ги како феминистички прашања. Здивот е во тесна поврзаност со телесните и афективните состојби врз кои влијае опкружувањето, конкретно состојби на загуба и тага и правото на нивно обжалување (во текстот на Катерина Шекутковска, „Оваа тага значи надеж“), но и точки на вриење и (колективно) лудило (кое го среќаваме во текстот „Може ли денес да полудам?“ на Татјана Срцева-Павловска). Важно за овие, а и за другите текстови од книгата е што не креваат паника, туку покрај „отровот“, успешно ги лоцираат и постоечките упоришта во себе и во другите – било тоа да е во песна, пријателски гест, пејзаж, компресирано сеќавање, емоција, во времето за себе и за другите за учење, љубење и растење, во (само)задоволството – и во нив наоѓаат начини и причини за да се истрае.
Насловот „Без здив“ всушност има две лица што се преклопуваат. Без здив остануваме и од воодушевеност додека сведочиме за надежта и упорноста на глобалното вмрежување и солидарноста предводени од маргинализирани групи, активист(к)и и студент(к)и низ светот. Шокот нѐ буди. Напоредно, згрченото тело бара издишка, како што нѐ учи феминистичката политика на одмор, успорување и закрепнување, како радикален отпор кон системската негрижа. Што ни е потребно за да здивнеме, да создадеме простор за дишење и да се устремиме кон нешто различно и обновувачко? Како да се приземјиме и да чувствуваме низ нашите тела? – овие прашања се провлекуваат низ текстовите. Затоа особено ме радува што себегрижата (во пишувањето, живеењето, опирањето) сѐ повеќе се врти кон телото како место во кое се водат најсилните битки на забранување, казнување и дисциплина наспроти себеспознавање, автономија и задоволство.
Телесноста во некои од текстовите во книгата е придружена од географијата и поистоветувањето со или истражувањето на извесни географски топоними. Има еден преубав цитат од покојната француска режисерка Агнес Варда, чии филмови се занимаваат со феминистичка и социјална тематика, кој гласи: Ако ги отвориме луѓето, внатре ќе најдеме пејзажи. Како гледаш на мечтаењето и освојувањето простори со пишувањето?
Калиа: Во моментов, читајќи го твојот одговор, буквално ми се случува тоа воскликнување што го спомна погоре, а кое единствено се случува во постојана комуникација и отвореност кон светот, која понекогаш нè смирува, а понекогаш нè задишува. Како што кажа и самата, насловот навистина има две лица. Мислата ми отиде на терминот и чинот на „вештачко дишење“. Колку и да е дишењето природно и интуитивно, понекогаш дури и во тој процес ни треба помош, поткрепа и поддршка од друг, за да продолжиме да живееме. Пишувањето го разгледувам (а често и го доживувам) од оваа перспектива, која акцентот го става на средбата со другиот – затоа и ти ја предложив оваа дијалошка форма за овогодишниот вовед. Имав чувство дека сме си потребни една на друга.
Таа потреба од средба е дополнително очигледна кога ќе забележиме на колку нивоа комуницираат гласовите во оваа книга меѓу себе – нашите искуства очигледно се толку испреплетени и споделени, што нема никаква смисла да се соочуваме со болката на светот изолирани. За мене, единствено од таа (женска/квир) перспектива пишувањето се здобива со радикален потенцијал. Најпосле, постојат добри причини зошто фашистите толку многу сакаат да палат книги.
Идејата за „освојување“ ми звучи маскулинистички, па повеќе сакам да размислувам во насока на населување, како процес кој е бавен, долготраен и креативен. Кога ќе се потсетам на изминатите изданија на годишната публикација на „Медуза“, во колективниот тон често се насетуваше некаква колебливост, некоја форма на извинување, одредена задршка и потреба да се докаже потребата од постоењето феминистичка мисла денес, па и потребата на постоењето на нас самите во јавниот простор. Извинување што пишуваме, извинување што грешиме, извинување што танцуваме, извинување што плачеме, извинување што сме сѐ уште живи… Нели е тоа една од многуте форми на женска вина? Одредена доза (себе)сомнеж е секако потребна, здрава и нужна за каков било раст, но стравот од населување простори најчесто доаѓа од комплетот „алатки на владетелот“ (kudos Audre Lorde), кој традиционално ги инфантилизира, истиснува и задушува гласовите кои не го говорат неговиот насилен јазик. Мислам дека вредносниот колапс кој го сведочиме и живееме, ако ништо друго, ги поттикна автор(к)ите во оваа книга, но и феминистичките гласови ширум светот да станат погласни, похрабри, подрски, посолидарни – во обид, можеби, да се најдеме едни со други?
Ние сме сведоци на ова време. Тоа не можеме да го промениме. Имаме одговорност и привилегија да чувствуваме и да сочувствуваме. Имаме и човекова должност да бележиме, паметиме, да се сеќаваме, и оттаму да мечтаеме. Јас навистина верувам дека ги имаме механизмите, методите и алатките за да продолжиме да веруваме во животот. Но клучна е присутноста и будноста, дури и кога подразбира болка. Всушност, се враќаме на фактот дека клучни се сетилата, клучно е телото. Понекогаш клучно е исклучувањето на телефонот. Не за да се избега од лоши вести, туку да се почувствува капацитетот, потенцијалот и можноста на ова тело, овој ден. Вистинската револуција се случува во малите и интимни гестови на присутност, намера и грижа.
Сè почесто се фаќам себеси како танцувам наутро (god bless The NTS Breakfast show), но зошто? Би сакала да кажам, не се тоа танци-одраз на мојата воодушевеност од постоењето, но можеби се? Наспроти нагонот да живеам со кнедли во грло, солзи заглавени во жлездите над очите и со испрекинат здив, свесно и смело решавам да го славам животот. Знам дека тоа е најсилната наша алатка. Кои се твоите ритуали на славење на животот?
Душица: Би сакала да можеш да ја видиш мојата насмевка. Навистина, еден од моментите што секоја година ме радуваат при уредувањето на публикацијата и ми ја потврдуваат нејзината релевантност е баш таа спонтана синхронизираност, преклопувањето на теми и надоврзувањето на идеи помеѓу автор(к)ите. Во тој (текстуален и живеен) простор каде што нашето искуство се вкрстува со туѓото, ги наоѓаме структурите на чувствување што го одбележуваат времето во кое постоиме.
Ми се допаѓа како го преиначи зборот „освојување“ во „населување“. Гласовите во книгава и гласовите низ книгите и платформата низ годините преку пишувањето за мене го шират оптегот на локалниот феминистички етички пејзаж. На системот и на насилниците им одговара да се чувствуваме сами, така најлесно го ситнат нашиот отпор. Но, како дел од колективот на „Медуза“ тврдам дека тоа е лага и дека се имаме меѓу себе за да си ги држиме главите над вода. Потребно ни е одвреме-навреме да се потсетиме дека ги делиме товарот и одговорноста. Стани, обуј ги чевлите, почни, некој ќе доврши – вели битовата поетеса Дијана ди Прима (да! замислете, имало и жени битници) во песната „Револуционерно писмо бр. 2“. Во таа смисла, секој текст е повик до читател(к)ите да се фатат за конецот и да продолжат да го отплеткуваат клопчето на работите за кои е важно (одново) да се зборува и пишува, погласно и во поголем број.
Но, да одговорам на твоето важно прашање. Животот го славам со тоа што активно барам и создавам џебови на радост дури и во баналноста и повторливоста на секојдневието. Ги будам сетилата и го одглавувам телото. Како тебе, тоа најчесто го правам преку слободниот танц, но и преку пилатесот и плачењето. Пораснав во моментот кога се ослободив од товарот дека солзите се знак на слабост; за мене, тие се средство за саморегулација на телесниот набој и знак на емоционална зрелост. Да се испразниш, за да можеш одново да го собереш и да го организираш светот. Подеднакво, животот го славам и преку интимни допири, биле тие телесни или умствени. Искрено верувам во (авто)еротичната и (себе)спознавачка улога на пишувањето и читањето. Секојдневно црпам сила во допир со идеи што ме оснажуваат и го потхрануваат моето растење и за тоа вреди да се остане ранлива и отворена.
За крај, ќе споделам една техника за приземјување што неодамна ја научив: Забележи и наброј (на глас) пет работи што можеш да ги видиш, четири работи што можеш да ги допреш, три работи што можеш да ги чуеш, две работи што можеш да ги помирисаш и една работа што можеш да ја вкусиш. Овој совет не е далеку од инструкциите на Мери Оливер што ги наброја на почетокот: „Обрнувај внимание. Биди зачудена. Раскажи“. Со тоа што забавуваме и ја восприемаме стварноста, автоматски ѝ се спротивставуваме на капиталистичката машинерија што вели уште, повеќе, побрзо, нема време. Она што им го посакувам на читател(к)ите на оваа книга е да се препуштат и да поседат во компресираното време на секој од записите. Да дозволат зборовите да одглават и да придвижат нешто застоено во нив. Да ги (за)бележат чувствата, мислите и сликите што ќе потечат и, конечно, да дишат слободно.
За сите смели срца, со многу љубов и грижа,
Калиа Димитрова и Душица Лазова