Спиеше во својот кревет,
никогаш повеќе не се разбуди.
Креветот ѝ стана гроб
под таванот на нејзината соба,
таванот – кенотаф.
Без име, без година на раѓање,
без година на смрт, без епитаф.
Само крв и скршена
рамка за слика во урнатините
крај неа.
•
Во логорот Џабалија, една мајка ги собира остатоците
на ќерка си во касичка,
со надеж дека ќе ѝ купи парцела
крај река во некоја далечна земја.
•
Група неми луѓе
зборуваа на знаковен јазик.
Кога падна бомба,
замолкнаа.
•
Синоќа повторно врнеше.
Новото растенија
бараше покрив во гаражата.
Бомбардирањето стана интензивно
и нашата куќа бараше
засолниште во соседството.
•
Ја оставам вратата од мојата соба отворена,
за зборовите во моите книги,
насловите и имињата на авторите и издавачите,
да побегнат кога ќе ги слушнат бомбите.
•
Еднаш завршив како бездомник
но урнатините на мојот град
ги покрија улиците.
•
Не можеа да најдат носилка
да го однесат твоето тело. Те ставија
на дрвена врата што ја најдоа
под урнатините:
Твоите соседи: подвижен ѕид.
•
Лузните на лицата на нашите деца
ќе те бараат.
Ампутираните нозе на нашите деца
ќе трчаат по тебе.
•
Излегол од куќата за да купи леб за своите деца.
Веста за неговата смрт стигна до домот,
но не и лебот.
Нема леб.
Смртта стигнува да ги изеде децата што ќе останат.
Нема потреба од маса, нема потреба од леб.
•
Еден татко се буди ноќе, ги гледа
разноразните бои по ѕидовите
исцртани од неговата четиригодишна ќерка.
Боите се високи околу четири педи.
Следната година би биле пет педи.
Но, сликарката загина
при воздушен напад.
Веќе нема бои.
Нема ѕидови.
•
Го сменив распоредот на моите книги на полиците.
Два дена подоцна избувна војната.
Внимателно со менувањето на распоредот на вашите книги!
•
Што мислиш ти?
Какво мислење?
Што ти?
Ти?
Дали сѐ уште постоиш?
Тука си?
•
Каде треба да одат луѓето?
Треба ли да изградат
голема скала и да тргнат угоре?
Но, рајот го блокирале дронови,
F-16-ки и чадот на смртта.
•
Син ми прашува дали
кога ќе се вратиме во Газа
ќе му земам кученце.
Велам: „Ветувам, ако успееме да најдеме“.
Го прашувам син ми дали сака да стане
пилот кога ќе порасне.
Вели дека не сака
да фрла бомби врз луѓе и домови.
•
Кога умираме, нашите души ги напуштаат нашите тела,
со себе земаат сѐ што им е драго
од нашите спални соби: шишињата со парфеми,
шминката, ланчињата и пенкалата.
Во Газа, нашите тела и соби завршуваат здробени.
Ништо не останува за душата.
Дури и нашите души,
со недели остануваат заглавени под урнатините.