Бели луѓе: не сакам да ме разберете подобро; сакам да се разберете самите. Вашиот опстанок никогаш не зависел од вашето знаење за белата култура. Впрочем, потребно било вашето незнаење.
– Ijeoma Oluo
Овој текст е лична рефлексија на моето антирасистичко патешествие како почетна точка за понатамошно деколонизирање на моите начини на бидување во светот. [1] Приказнава има за цел да ги инспирира оние на кои им е потребен поттик за да направат повеќе – оние кои се движат низ животот со намера да бидат повеќе од неми сведоци и да го реконфигурираат својот пат кон одредена акција. Ја споделувам оваа исповед со едноставна желба да ги поддржам другите кои сакаат да го започнат сопственото антирасистичко патешествие, но не знаат од каде да почнат, или оние кои едноставно се чувствуваат изгубено и апатично, отрпнати од интернализираната бела надмоќ (англ. white supremacy) и расизмот. На крајот на краиштата, ние сме производ на систем со лукави стратегии и тактики и мораме да дадеме сѐ од себе за да ги трансформираме нашите задушувачки грижи и стравови во активна солидарност.
Претставувањето на континентот како простор ослободен од „раса“ (а со тоа, имплицитно, и од расизам) не само што е централно за начинот на кој Европејците се перципираат себеси, туку е речиси и глобално прифатено.
– Fatima El-Tayeb, “European Others: Queering Ethnicity in Post-National Europe”
Пред една и пол година, присуствував на серија сесии против расизмот насловени „Расна правда x филантропски дијалози за Европа“. На почетокот, чувствував отпор кон темата – во тоа време помодарски термин во полето на човековите права и општествените промени – како што на многумина ни се случува кога ќе се соочиме со сопствениот расизам. Работната рамка ми звучеше како „увезена од САД“, нешто што функционира поинаку во европскиот контекст и не може да се преслика тукутака врз нашите искуства со помош на американски алатки и лекови. Бев скептична кон приспособувањето на дијалозите на европскиот контекст и се приклучив кон иницијативата малку неволно. Посветував дел од своето време само кога тоа беше апсолутно погодно, во меѓувреме давајќи им приоритет на задачите што од мене ги бараше капиталистичката машина.
Не можев ни да претпоставам дека овие дијалози ќе бидат едно од најважните искуства што ме изградиле и ми помогнале да се осврнам на сопствените демони, расизам и привилегија и нивното влијание врз мојата активистичка работа во областа во која отсекогаш сум се чувствувала горда и сум сметала дека работите ги правам „правилно“ – феминизмот.
Дијалозите за расна правда ни обезбедија „peer-to-peer“ простор каде што се приклучивме кон трансформативната работа неопходна за разбивање на расизмот вграден во секој аспект на европските општества: култура, општествено уредување, економија и политики. Анализирајќи како расизмот е вкоренет во европската колонијална историја, можев подобро да ја разберам сопствената позиција и да следам како расизмот ги обликува(л) и моите лични и професионални улоги. Се осврнавме и на културата на белата надмоќ и идентификувавме како таа се манифестира во нашата работа со цел да се заложиме стратегиски да ја адресираме расната правда. Практиките на културата на белата надмоќ се длабоко вградени во нашите организации, биле тие феминистички или не. Размислете само колку од нив ќе препознаете на вашето работно место или во вашата околина: чувство на итност, право на удобност, дефанзивност, објективност, индивидуализам, перфекционизам итн. [2] Доста често, се потпираме на овие механизми за справување за да избегнеме непријатности, наместо да се соочиме со изворот на белата надмоќ.
Пред девет месеци, додека го слушав инспиративното предавање на Марина Грижиниќ, сфатив дека клучен извор на мојата секојдневна нелагодност, недостаток на здив и анксиозност се моите евроцентрични референтни точки. Размислувајќи за моето време на универзитетот како студентка по културолошки студии во Љубљана, се присетив дека иако се занимававме со ориентализмот, империјализмот и расизмот, тоа го правевме главно низ објективот на белите автор(к)и, без подлабоко критичко истражување и препознавање на белата надмоќ. Антирасистичките и антиколонијални епистемологии се најчесто повлијаени од знаењето што доаѓа од Западот. Она што го научив од дијалозите за расна правда беше каде лежи моето место во поширокиот систем, каде лежат моите бели привилегии и што можам да сторам со моите антирасистички напори. Постепено, почнав да размислувам за тоа како поинаку, освен преку мојот активизам, да се справам со меѓусебно поврзаните системи кои нè угнетуваат: расизмот, белата надмоќ, капитализмот, патријархатот, империјализмот и пречките што ни ги поставуваат со секој здив, клик, чекор.
* * *
Антирасистичката пракса не е линеарен процес, туку процес што може да се гледа низ скалеста рамка. [3] Низ таа призма, интересно е повремено да се навраќаме на нашето придвижување по скалата и притоа да препознаеме дека колективна акција и заедница која се темели на љубов и отпор навистина се клучни за нашата антирасистичка борба. Иако сите се стремиме да се поврземе и да им се посветиме на нашите заедници, свесни сме за потребниот напор. Како бела личност, како личност што доживеала прегореност и траума, разговорите за белата надмоќ ме преплавија и ја активираа мојата анксиозност. Се чувствував истовремено ранлива и акутно свесна за мојата бела привилегија и за штетата што може да им ја предизвика на другите. Како што пишува д-р Ајеша Кан: „Оние меѓу нас со релативна привилегија честопати ги напуштаат најмаргинализираните под изговор дека се фокусираат на сопственото исцелување (англ. healing). Индивидуалистичката потрага по исцелување нè одвојува од вистинската заедница и може дополнително да предизвика дефанизивност и порекнување“.
Тргнувајќи од сопствената мигрантска приказна, почнав да ги истражувам различните аспекти што го обликуваат мигрантското искуство. Веднаш по средното училиште се преселив во Љубљана, каде што сѐ уште живеам и работам. Одлуката беше многу спонтана и, во тоа време, ми делуваше краткорочна. Сепак, никој не ме подготви за искуството со ксенофобија во комбинација со патријархат што ме чекаше таму, и покрај моето релативно привилегирано потекло, белата боја на кожа и пријатели кои ми пружија поддршка при селењето. Подоцна, работејќи непосредно со расните мигранти, почнав да ги осознавам и разбирам борбите со кои се соочуваат додека патуваат во Европа и откако ќе се населат. Кога ги поврзав моите лични искуства со искуствата на другите, мојот феминистички активизам се претвори во аболиционистички активизам. Тоа што навлегов подлабоко во аболиционистичките географии [4] и ги истражував концептите на граници, припадност и дом ми овозможи подобро да се запознам себеси и активно да ѝ противречам на интернализираната бела надмоќ. Овој процес на учење и применување ми ја дава потребната мотивација да продолжам напред. Ја препознавам привилегијата да имам време да останам со нелагодноста и да учам од неа и тоа е она што ме поттикна да го сменам начинот на кој работам, живеам и постапувам. Мораме да признаеме дека ние, како бели луѓе, имаме корист од белата надмоќ и затоа мора да направиме поголем напор во рушењето на овие системи тогаш кога можеме, онаму каде што можеме.
* * *
Мојот механизам за справување отсекогаш бил да им се обратам на моите пријатели и заедница. Имав среќа да најдам луѓе со кои можам да бидам тоа што сум и притоа да ги споделам моите активистички битки и заедно да ја истражиме заедничката страст за феминизмот. Така ги основавме Тиииит! Инк. и феминистичката фестивалска платформа „Прво па женско“, каде што, во голема мера, има(в)ме слобода да ги спроведуваме работите онака како што сакаме, без значителни компромиси. Нашата локална иницијатива најпрво беше ориентирана кон создавање заедница и простор за изразување на феминистичките, квир и критички гласови на кои тоа им недостасуваше. Денес, по дванаесет години „Прво па женско“, продолжуваме да ја преиспитуваме оската околу која гравитираме кога зборуваме за борбата за права на жените и феминистичките иднини за да се осигуриме дека не им нанесуваме штета на другите. Се стремиме кон конкретна, неметафорична солидарност, преку која ѝ пристапуваме на заедницата како глагол сметајќи дека таа (заедницата) е најефективниот облик на бунтување против патријархатот, разните форми на империјализам и длабоко вкоренетиот расизам.
Во изискувачки моменти, наоѓам утеха во замислувањето нови, подобри и поправедни начини на дејствување, а потоа се обидувам да постапам по нив, колку и да станува збор за мал чин. Низ годините, со Тиииит! Инк. и „Прво па женско“ работевме на ко-создавање средина во која се обидуваме да дејствуваме под услови што не се експлоататорски. Сметаме дека уметноста, креативноста и иновативноста се места каде што веќе се создава ослободувачка иднина. Еден таков пример е Платформата за изведувачки уметности „Испробување феминистички иднини“ што ја координира мојата колешка Кристина Леловац. Учесничките/-ците на платформата добиваат грантови за развој на ново дело, менторство и продукциска поддршка. Платформата отелотворува еден феминистички простор во вистинска смисла на зборот: таа претставува место на грижа коe остава простор за грешки, (себе)откривање, постојано преиспитување и слобода да се започне со едно, а да се дојде до нешто сосема друго. Поттикнува уживање во процесот на трагање и истражување, без да наметне товар дека мора да се стигне до нешто конкретно.
Друг пример е групната изложба „Тука, но некаде другаде“, која неодамна ја курирав, а ги истражува припаѓањето, сеќавањето, телата и домот. Во текот на двегодишниот подготвителен процес, со уметниците посветивме време да ги истражиме овие теми преку разговори, преписки, споделување референци и литература. Должината на процесот, исто така, ни овозможи да добиеме доволно средства за соодветен финансиски надоместок за сите учесници вклучени во процесот и да работиме со помалку опресивно темпо. Од проект до експеримент, групната изложба стана алтернативен систем на грижа и простор на солидарност.
Колку и да звучи клише, убедена сум дека уметноста може да се занимава со тешки наративи, да нè повика да размислуваме на сплотувачки и охрабрувачки начини и да биде извор на солидарност отаде границите и ограничувањата. Покрај менувањето на наративите, мора да ги смениме и нашите работни процеси за да се избориме со исцрпувачката реалност и да воведеме нов начин на работење полн надеж.
[1] Ви ја препорачувам статијата за почетници „Што претставува деколонизирањето?“ на Паола Бачета, до која може да се пристапи преку Decolonising Europe Booklet.
[2] Ако сте заинтересирани да научите и да направите повеќе за културата на белата надмоќ во вашата организација, ви ја предлагам читачката листа на колективот Healing Solidarity („Исцелувачка солидарност“).
[3] Консултирајте ја скалата „Доживотно патешествие“ од работната тетратка на Dismantling Racism на Кенет Џоунс и Тема Окун.
[4] Ако сакате да прочитате повеќе на темата, ви ја предлагам збирката есеи Abolition Geography: Essays Towards Liberation на Рут Вилсон Гилмор.
Превод од англиски јазик: Душица Лазова
Есејот е објавен во нашата печатена публикација „Без здив“ (2024).