„Zboarã,
Ficiuritslji – a mealji ligãnats tu yisi!
Gioclu – nj cu voi
Daima harauùã sh – cutrimburari
Nji – adusi! “
Ahapsi Lingvisticã, Kira Yorgoveanu Mantsu
„Зборови,
Рожби мои што ги лулам во сните!
Дружењето со вас
секогаш ми носело
и ведрина, и света јанѕа!“
Јазична зандана, Кира Јорговеану Манцу
Мојот идентитет започнувa со моето име и презиме. Какво е тоа име? Од каде си? А, скржави ли сте? Без исклучок, со секое мое претставување следува и краток историјат на моето потекло. Како да сум должна одново да ја објаснувам и оправдувам мојата различност. А потоа, неизбежното прашање: А, зборуваш ли влашки? Овојпат, се работи за малку повеќе од обична љубопитност, односно за суптилна проценка за припадност. Дали сум навистина oна што моето име кажува дека сум.
Можеби еден од најсилните моменти на соочување со мојот однос кон мајчиниот јазик го доживеав во средно училиште, на часот по македонски. Професорката одржа прекрасно предавање за тоа колку јазикот е суштински дел од нашиот идентитет и за неговата нераскинлива врска со начинот на кој чувствуваме, постоиме и се изразуваме. Бидејќи бев една од ретките билингвални ученички, додека зборуваше, за момент погледот ѝ се сретна со мојот и ми рече: „Јазикот на кој сонуваш и на кој се молиш е твојот мајчин јазик.“ Таа реченица сѐ уште ја носам со себе.
Пораснав паралелно и со македонскиот и со влашкиот јазик. Со голема леснотија се движам низ тие два света. Но, во едниот многу брзо наидувам на слепи улички. Влашкиот ретко ги напушта четирите ѕида на мојот дом. Едноставно, како јавните простори да не се кроени и за него. Затоа, секојпат кога ќе чујам некој влашки збор надвор од дома за мене е како да сведочам на една мала револуција. На пазар. Во кафана. Во парк. Тие навидум безначајни јазични размени се длабоко политички. Секое јавно користење на јазикот значи и видливост за заедницата. А, видливоста секогаш ќе биде политичка категорија.
За помалкубројните заедници, јазикот никогаш не бил само средство за комуникација. Кога твојот мајчин јазик не е доминантен јазик на системот, на институциите, на моќта, тој станува историја, (контра-)архива, дом и отпор. За многумина од нас, првото сеќавање за јазикот е низ некоја приспивна песна отпеана од нашите баби. Токму таа мала интимна размена е подеднакво значајна колку и формалното признавање на еден јазик. Правните рамки формално создаваат заштита, но само луѓето можат да го гарантираат неговиот опстанок.
Кога ќе ги погледнеме официјалните историјати на јазиците, најчесто ќе сретнеме мажи кои на различни начини придонеле кон развојот на јазикот и културата. Нивните имиња ни се познати, биографиите им се документирани, но зад секој еден од нив стојат жените кои всушност го одржувале јазикот жив во нивниот дом. Жени чии имиња ги нема по учебниците, а сепак го одбележуваат нашето прво сеќавање.
Во многу влашки семејства, особено во урбаните средини, поради природата на работата, мажите биле поизложени на доминантниот јазик, па често од економски причини и потреба за интеграција доаѓало до нивна тивка (авто)асимилиција. Со тоа постепено се стеснувал кругот на употреба на влашкиот јазик, кој сè почесто останувал во приватната сфера – таму каде што биле мајките, бабите, тетките, првите учителки и негувателки на идентитетот. Од нив доаѓала првата испеана песна, првата раскажана приказна, првото „те сакам“ и „извини“ изговорени на мајчиниот јазик. Едноставно, јазикот станал „женска територија“. И можеби затоа и покрај сѐ успеал да опстане.
Низ секојдневните навики, разговори и караници, се создавал микросвет во кој мајчиниот јазик бил прифатен и тогаш кога надворешниот свет не му бил особено наклонет. И токму во тоа секојдневие се одвивало и најважното: културната репродукција, односно социокултурниот континуитет на една заедница која ретко била дел од официјалните наративи. Самото ограничување на просторите во кои еден јазик може да постои, постепено го отуѓува човекот од неговата природна врска со мајчиниот јазик. Денес, за голем дел од Власите влашкиот е „тајниот јазик“ на бабите. Јазик за одбрани ситуации, за тивки разговори подалеку од детските уши. Не од рамнодушност, туку од страв за она што следело. Една форма на преживување.
По Втората светска војна, процесите на колективизација и забрзана индустријализација на Балканот, за дел од Власите значело напуштање на традиционалните „влашки“ професии, а за останатите – учесниците во антифашистичкото движење – напредување во институционалните структури. Во таков контекст, во одредени семејства се донела свесна одлука влашката припадност да не се истакнува, туку да се претопи во македонската, која од 1944 година билa во значаен подем. Ова значело и славизирање на имињата и презимињата – процес што кај некои започнал уште во меѓувоениот период. За дел од нив, асимилацијата одела рака под рака со професионалниот напредок, а на многумина, по неколку турбулентни децении, им донела и чувство на сигурност. Воедно, тоа било и обид на Власите да создадат полесен пат за нивните деца, за тие да не мора да бидат прашувани, да не мора да објаснуваат и да не им биде идентитетот уште еден товар кој треба да го носат во свет кој веќе бара премногу прилагодувања.
Но, повеќејазичноста е во одредена форма и „природен хабитат“ на влашките заедници. Токму затоа и денес јазикот сè уште живее во одредени домови. Оние што го издржале политичкиот и културниот притисок, одлучиле дека јазикот вреди. Дека сопствената култура не е товар, туку богатство. И токму со тој избор – свесно или не, му подариле иднина на влашкиот јазик. А тоа, како што спомнав, особено го правеле жените.
Да се зборува за женската историја не е само симболичен чин. Тоа е феминистичка пракса што води кон комплетирање на културното наследство бидејќи иднината не може да постои без правда за и уважување на оние поради кои нашата култура, традиција и јазик, нашите приказни и итроштини опстанале и ден денес. Опстанокот никогаш не бил случаен. Се темели на сите оние мали, секојдневни ситуации кои останале надвор од официјалната историја, но се покажале како клучни за колективната меморија. Затоа е важно да ги именуваме жените поради кои сè уште имаме емотивна врска со јазикот. Она нешто што уште одвреме-навреме заигрува во нас и нè влече назад кон корените.
Денес, не се соочуваме само со предизвикот да го зачуваме, туку и да го возобновиме. Пред сѐ, повторно да ја воспоставиме врската со местото каде што опстанал – домот. Да ја обновиме врската на нашето најинтимно постоење со јазикот кој нашите предци го нарекувале мајчин. Тоа значи и ослободување на еден генерациски притисок секогаш да прикриваме еден дел од себе. Потоа, сосема природно, јазикот повторно ќе почне да се слуша и на семејни собири, низ маалата, на јавните простори. Насекаде каде што одамна не бил чуен.
А јас ќе продолжам да сонувам, да се молам и да чувствувам само на еден јазик – мојот мајчин.