Веќе некое време размислувам дали да се огласам на оваа тема. Како очевидец, трогната од мизогинијата околу мене, решив да напишам „збор-два” за случувањата во последниов период, кои ја прелеаја чашата.
Забележувам генерален отпор кон феминизмот вкоренет во идејата дека феминизмот значи омраза кон мажите или барање жените да бидат над мажите, како и во погрешната претстава дека феминизмот ги обезвреднува потрадиционалните жени и женски избори, или дека е премногу екстремистички.
Се прашувам што значи екстремизмот? Екстремизам во однос на родовата еднаквост не претставува заложбата за еднаквост помеѓу родовите, туку дехуманизацијата на женскиот род како подреден и помалку вреден од машкиот. Екстремизам е оправдување или релативизирање на родово-базираното насилство, а не борбата за негово искоренување.
Да изјавиш дека „Феминизмот е тој што ги натера[л] жените да се однесуваат на несоодветен начин и да отфрлат каков било машки надзор“, како универзитетски професор, академско лице од кое се очекува да биде запознаено со научни термини и концепти, е сериозно проблематично. Како средовечен семеен човек, да коментираш „сама си го барала“ на новинарски статии што пренесуваат уште еден во низата од 25 случаи на семејно насилство во само пет дена овој месец, од кои најголемиот број, ако не и сите, се врз жени, е страшно и тажно.
Веќе некое време волонтирам како преведувач во психосоцијално советувалиште при прифатен центар за баратели на азил и азиланти во една западноевропска држава. Голем процент од случаите во кои преведувам на македонски се жени кои биле принудени, среде ноќ, со облеката што ја носеле на себе, малкуте работи што успеале да ги понесат и децата фатени за рака, да го напуштат својот дом. Не за подобро утре, туку за да спасат жива глава во моментот.
Од емоционално и вербално насилство до физичко и сексуално насилство, закани и обиди за убиство – имам слушнато и преведувано сѐ, секој пат со грутка во грлото. Ако јас, како слушател, не можам да се соземам од работите што ги слушам, замислете како живеат жените кои секојдневно го преживувале сето тоа. Жените кои не добиваат заштита од државните институции и кои татковината ги издава одново и одново. Колкава издржливост и колку храброст имаат тие жени – заслужуваат орден.
А знаете што е најтажно во целата ситуација? Македонија тука, во странство, важи за сигурна земја. Да добиеш азил како обичен граѓанин (без врски, без кои македонскиот систем, нели, просто не може да опстои) е речиси невозможно. Секако, постојат и други начини да се замине, но верувам дека жртвите со причина избрале азил – барем додека трае постапката, имаат одредена правна заштита во земјата во која побарале засолниште.
Ќе ви дадам еден пример што ми остана врежан во сеќавањето, за да можете подобро да си претставите за што зборувам. Нема да откривам многу детали, за да го заштитам идентитетот на жртвата.
Во советувалиштето дојде една жена која со своите неколку деца успеала да избега од насилниот сопруг, кој ја злоставувал и неа и нејзината малолетна ќерка. Во неколку наврати се обидела да го пријави во полиција. Првиот одговор што го добила бил: „Госпоѓо, тоа се семејни проблеми, решете си ги меѓу вас, ние не можеме да Ви помогнеме“. Кога ситуацијата ескалирала и дошло до бркање низ домот со нож, жената повторно ја контактирала полицијата. Кога од полицијата ѝ било кажано дека мора лично да дојде и да го пријави сопругот, таа одговорила дека, имајќи ја предвид нејзината состојба, не е во можност да оди до најблискиот град за да го пријави. На тоа ѝ одговориле: „Па добро, што? Да не сакате сега хеликоптер да Ви пратиме?“
Ќе нагласам уште еднаш: Македонија тука важи за сигурна земја, во која се смета дека државните институции си ја вршат работата како што треба, а граѓаните се заштитени и згрижени, согласно нивните права. Ова значи дека шансите оваа жена да добие право на азил се минимални.
Како прво, не може да докаже дека не била сериозно сфатена од надлежните служби. А искрено, со оглед на тоа што во нормални општества вакви работи најчесто се гледаат само на филм, можеби и јас би била поскептична доколку претходно не живеев во Македонија и не знаев што претставува нашата „нормала“.
Понатаму, за да ѝ одобрат азил, мора да најде адвокат, чии услуги се прилично скапи. За потсетување, станува збор за жена која била принудена да избега од сопствениот дом, понесувајќи ги со себе само децата и облеката што ја носеле.
Оттука, колкави се шансите дека оваа жена ќе биде депортирана и повторно оставена на милост и немилост на сопругот, на надлежните органи, на општеството? Ајде, погодувајте…
На 14 ноември бележани се 15 случаи на семејно насилство во само 24 часа, голем дел од нив врз сопруги и поранешни партнерки. Уште 25 случаи од 1 до 5 ноември 2026 година. Седум жртви на фемицид од јануари до ноември истава година. Цела Македонија има население колку неколку поголеми европски градови. Кога ќе се земе предвид бројот на жители, овие бројки се повеќе од загрижувачки.
А уште колку случаи остануваат непријавени? Уште колку имиња никогаш не влегле, ниту некогаш ќе влезат во статистиката? Ако не се освестиме, Билјана нема да биде последна.