Збор-два за болката
Ен Карсон
(Short Talk On Pain, Anne Carson, Academy of American Poets, 2023)
Тревници и полиња и ридови и широки стари плишани ракави, зелени нешта. Се простираат, диплат, тркалаат, извиваат и окото го смируваат. На слики личат раскошно. И војни може да се водат на зеленило. Или да се постави трпеза, па да се руча. A тек како залажуваат далечните шуми во шир! На ред е гробот, многупати и тој е песна за зеленилото. Но ова не е песна. Ова е билборд за замрзнат грашок. Замрзнатиот зелен грашок е добар против болка.
Сабота навечер за возрасни
Ен Карсон
(Saturday Night as an Adult, Anne Carson, The New Yorker, 2017)
Многу сакаме да им се допаднеме. Сакаме добро да пројде. Предотерани сме. Тие се ограничени, луѓе од уметничкиот свет, неотесани, облечени во ленено. Рано лето е, првиот топол викенд. Се среќаваме на улицата, се бакнуваме демек за поздрав и леле, да не доцниме? Доцнеа тие, ние бевме скоро готови да заминеме, но добро, тоа е што е. Онде, преку улицата, сте биле ли некогаш на тоа место? Сме биле еднаш, мислам, личи ко да е затворено, вика отворено, океј тогаш. Ене, излегуваат некои луѓе. Океј. Внатре е темно, студено, рустично. Излегува дека се знаат со газдата. Тој е срдечен, нѐ води внатре, седнуваме. И веднаш сфаќаме две нешта – прво, вревата е неподнослива, второ, ниеден од нас двајцата не е доволно близок со другите за да рече ај, да бегаме. Ни се ронат срцата. Храната ја нарачуваме со покажување и се делиме во две вриштачки фракции, по една на секој крај од масата. И тој и таа изгледаат преморено од (претпоставувам) правење уметност по цел ден, а потоа и поради новото бебе. Јадеме со умисла, небаре јадењето е разговор. Без престан си го подаваме лебот. Ми ја носат рибата обескостена, се жалам божем на некакви алергии. Конечно некој ја плаќа сметката и бегаме надвор на улица. Од некоја причина, очекувам надвор да снежи. Не снежи. Решаваме да не одиме на сладолед и се разделуваме, уште толку потскршени. Значи ова е тоа сабота навечер за возрасни. Си мислевме дека ќе бидеме како Ник и Нора, а не како нивните безлични пријатели во скапи палта. Си ги покриваме ушите внатре во душата. Но така нема да ни помине.