Имав 15 години кога првпат влегов во казино. Немав никаква финанска потреба да влезам. Доаѓам од пристојна фамилија во која нема историја на коцкари. Јас ја имав честа да бидам првиот од мојот род кој танцувал со ѓаволот додека го чекал топчето да падне во неговиот број. Мојот фаворит беше 5-ка, црвено, долна серија. Заради неа ги полнев и 23-ката и 10-ката – соседи, треба да се почитуваат.
Во изминатите 12 месеци, еден од четири ученици (25%) изјавил дека се коцкал за пари. Распределбата по пол укажува на тоа дека коцкањето било значително почесто кај момчињата, при што 34% пријавиле вклученост во такви активности, во споредба со само 16% од девојчињата.
Патот до казиното е поплочен со „забавни” намери. Коцкарската приказна никогаш не почнува од казиното, до него мора некако да стигнеш. Тоа најчесто се случува пред или откако ќе се запишете во средно. Додека од деца прераснуваме во момчиња, притисокот на средината и фраерлукот те искушуваат да правиш глупави и непромислени работи. Јас пораснав во Карпош 2, од постарите „фраери“ во маало никој не зборуваше за книги, филмови или каква било паметна работа, понекогаш некој ќе зборуваше за рапот, но тоа беше тоа, ништо повеќе. Главни теми беа „пичиња“, тепачки, спорт (читај: кладилница) и комар (коцка). Кој, колку, каде и во кое казино фатил пари. Кој која утакмица ја погодил, која утакмица го заебала. Спортот се гледаше исклучиво низ призмата на кладилницата, а големите фраери после 12 саат бркаа мала серија и орфан (делови од рулет). Кецот вечер ќе го фатам, нема каде да бега петката. Вчера Виркла фати 12.000 евра. Минатата недела Орхан фати 18.500, се само дел од секојдневните „великански“ приказни за успесите на маалските коцкари, раскажувани за нив и од нив.
Помеѓу 2015 и 2024 година, вкупната распространетост на коцкање за пари кај учениците во последните 12 месеци покажала постепено опаѓање. Во 2015 година, 31% од учениците пријавиле коцкање, што се намалило на 27% во 2019 година и дополнително се намалило на 25% во 2024 година.
Математиката беше едноставна. За да припаѓаш, мораш да имаш некоја фраерска приказна. Фраерската приказна не поврзуваше култура и уметност или петки во школо. Фраерската приказна поврзуваше пари, девојки, пари, некоја добра смешка и, пак, пари, девојки, пари… На тие години имаш две опции: или ги презираш и целосно се оттргнуваш од сите маалски фраери и практично немаш со кого да се дружиш или се обидуваш да најдеш начин да станеш еден од нив. Јас го одбрав второто.
Во тоа време собирав пари за да си купам „Сони 4-ка“ и имав собрано 5-6 илјади денари кои ги чував во кутија „Најк“ портокалова со дупка на средината направена со ножици и одозгора напишано со црн фломастер СОНИ 4ка. Мајка ми не сакаше да ни го купи зашто со брат ми веќе расипавме две „Сони тројки“. Океј, ѝ реков, ќе собереме ние. Сонито чинеше 24.000, па со брат ми се договоривме да собереме по пола. Нормално, него му одеше полесно зашто беше вработен, но мене не. Одев по баби, тетки, пробував да штедам од искачање, но сѐ тоа некако одеше многу бавно, желковито, а приказните на маалците личеа на зајци. Така решив дека и јас сакам да бидам зајко. Не можев да влезам во казино зашто имав 14 години, единствено што можев да пробам беше кладилница. Во тоа време постоеше Фејсбук профил на блогер кој праќаше ливчиња, се викаше ДАМЕВСКИ – БЛОГЕР. Отидов во „Златна копачка“, го препишав ливчето и го уплатив на илјадарка. Неделно трошев 500 денари – не пиев, не пушев, ништо не правев. Бев дете што сака да игра на „Сони“ и баскет. Не знаев како да им пријдам на моите симпатии и мајка ми ми купуваше фармерки. Си го уплатив двонеделниот буџет на 5 утакмици од Дамевски – 12 квота или, во превод, со 1000, 12 илјади. Таман за „Сони“-то. Внимателно ги прегледав утакмиците, проверив дали девојката на шалтерот точно ги внела, го свиткав ливчето на пола, па уште на пола, и си го ставив во малата преграда за ситни парички од новчаникот. Таму ми делуваше најбезбедно, далеку од очите на мајка ми, далеку од очите на некој што би можел да биде малер. (Кога си коцкар, секогаш си одбираш некој што е малер, си фабрикуваш малерски очи, малерски луѓе, малерски приказни…).
За да заглавиш на коцка, мора да ти влезе чивија. Мене ми влезе од прва. Го фатив првото ливче што го уплатив и после тоа не престанав да уплаќам секој ден во наредните 3 месеци. Уплаќав тенис, фудбал, пикадо, пинг понг, коњи; уплаќав во кладилница, онлајн, играв табла во „Хазард“ за пари – едноставно живеев за да се коцкам. Имав почетничка среќа, никогаш не губев, од играњето за 3 месеци заработив повеќе од 100 илјади. Не ми се веруваше дека може толку да ми биде полн новчаникот и не знаев што да правам со парите. Бев „копиљ“, уште имав само 14 години. Почнав да си купувам цигари, да одам по кафани, да нарачувам бокалчиња. На еден голем одмор купив доручек за пола школо, однесов две девојки на вечера, во меѓувреме купив и „Сони“, но најважно од сѐ, го исполнив фраерскиот стандард според маалските критериуми. Но сепак недостигаше нешто.
Кај момчињата, преваленцата била највисока во 2015 година, со 44%. Сепак, имало значително намалување до 2019 година, паѓајќи на 34%, каде што оттогаш се стабилизира, останувајќи на исто ниво во 2024 година.
Не се сеќавам како влегов, но се сеќавам како прв излегов од казиното. Потонат, изгубен, речиси расплакан. Играв црно црвено и 12-ки, се плашев да ги бркам бројките зашто ми делуваа премногу застрашувачки. Не ми текнува ни со кого бев, но знам дека ги изгубив сите пари што ги фатив од ливчињата, плус парите што ми ги дадоа моите за да си купам нова јакна и плус пари што требаше да му ги причувам на брат ми. Изгубив околу 55 илјади денари (3 минимални плати во тоа време, 2015 година). Срцето ќе ми пукнеше, ништо немаше смисла и сакав да ме снема. Испушив една кутија цигари за да си дојдам на себе и да соберам храброст/сила да отидам дома. Следниот ден бев на школо и имав тест хемија. Добив кец.
Помеѓу 2019 и 2024 година, проценетата преваленца на „проблематично коцкање“ кај учениците кои се коцкале во изминатата година значително се зголемила. Проблематично коцкање се мери преку прашањата: „Дали сте почувствувале потреба да се кладите за повеќе и повеќе пари?“ и „Дали некогаш сте морале да ги лажете луѓето кои ви се важни за тоа колку сте се коцкале?“.
Мојата приказна траеше околу 5 години, скоро колку уште еден факултет. Не знам колку пари сум фатил, ниту колку сум изгубил. Но знам колку вечери сум си одел дома како најголемиот „грев“ што си ги искоцкал парите за дупли колбас или за кафе следниот ден. Имаше такви меѓу нас што си ги коцкаа парите за алманах, па ги немаше во алмамах такви што се криеа кај другарите дома додека нивните мислеа дека сме на одмор, зашто си ги прокоцкале парите за одмор. Имаше и такви кои се задолжија кај лихвари, па каматата ја бараа дома од нивните. Такви кои избегаа по светов и си ги оставија своите домови празни и истовремено полни со коцкарски долгови, а срцата на своите блиски скршени. Болни беа моментите кога секого посебно го фатија од дома. Непријатно е да добиеш повик од мајка на другар која те прашува колку време се коцка, зошто не му помогна, зошто не ми кажа… Грижата и притисокот се преголеми, а уште поголема е вината, затоа што и ти си бил со него. Си го бодрел да фати пари, па си го тешел кога ќе ги изгуби. Си му позајмувал иако длабоко во себе си знаел дека е тоа што го правиш е погрешно. Си правел сè за играта да продолжи, а речиси ништо за таа да прекине.
Повикот од родител е освестување. Тоа е момент на кршење на таа промашена коцкарска илузија во која парите почнуваш да ги гледаш како жетони, а не како основно средство за преживување. Повикот од родител кој треба да го врати долгот на своето дете, кај одвратни лихварски типови што ги чекаат пред врата со понудата или/или. Или ќе ги вратите парите или детето дома модро ќе ви го вратиме и од утре камата дупло. Нивнаата безусловна поддршка боли, но освестува и дава шанса да се вратиш од коцкарската провалија и да се обидеш да спасиш што може да се спаси, почнувајќи од себеси.
Во 2019 година, се проценува дека 4,5% од сите ученици кои се коцкале се проблематични коцкари. Во 2024 година, овој процент се зголемил на 7,6%, што укажува на значителен тренд на зголемување.
Од денешна гледна точка и со овој памет донекаде ми е јасно зошто работите на тој начин се развиваа, ама сѐ повеќе ми станува јасно и дека ова не е поединечна приказна, туку поширок модел што не слабее со годините. Машкоста не е статична, туку се гради преку социјализација, преку семејни модели, врсничко влијание, медиуми и популарна култура, и кога тие очекувања ќе станат ригидни и исклучувачки, почнуваат да создаваат т.н. „токсична машкост“ која поттикнува чувство на надмоќ, потиснување емоции и непочитување правила. Ние растеме во средини каде што неморалното лесно станува нормално, а моралното се прикажува како наивно. Изложеноста на пороци и насилни модели е толку присутна што почнува да се доживува како оправдана, па понекогаш и како „успех“.

Хазардеството, кое почнува од многу млади да ни ги владее умовите, создава „мажиња“ што се учат на непромисленост наместо на одговорност. На тоа се надоврзува турбофолкерството и сериозниот отпор кон прифаќање на каква било другост, комплетното непочитување на образованието и науката, плус привидот на брза заработка, што комплетно го парализира умот на младото „маже“. Тоа чувство дополнително се засилува кога вакви навики се промовираат преку реклами и јавни кампањи во кои учествуваат личности што дел од „мажињата“ ги гледаат како идоли (на пр. Перо Антиќ, Кире Лазаров и Горан Пандев сите имаат снимено реклама за видео лотарија), а влијанието на дел од инфлуенсерите дополнително го шири тој модел и ги оправдува овие навики кои имаат потенцијал да станат пороци. Во таков контекст, погрешното полека станува правило, а правилното исклучок. Општеството кое треба да обезбеди хуман простор за младите момчиња, во никој момент не се обидува да ја намали нивната изложеност кон неодговорни пораки и сигнали. Напротив, државната лотарија води многу силни маркетинг кампањи, под превезот на општествено одговорна компанија, при што дополнително го стеснува патот до библиотеката, а го поплочува патот до казиното.
Кај момчињата, преваленцата на проблематично коцкање речиси се удвоила, зголемувајќи се од 5,8% во 2019 година на 9,3% во 2024 година.
Замката во која паѓаме како млади мажи е создадена од потребата за признание, потребата за валидација и прифаќање од соклупниците, од симпатиите, од средината. Деца сме и сè уште не знаеме многу за себе. Траумите само што не почнале да управуваат со нас, а материјалното станува најлесната форма на признание што ни е на дофат. Велам замка затоа што уште сме мали и допрва треба да се откриваме. Да читаме лектири, да одиме во театар, да волонтираме, да читаме песни со lyrics и да паѓаме во транс, да го одиме спориот, но здрав пат на култивација и себеспознавање. Ама некои од нас не можат да издржат и бараат скратен пат, но таков нема. Па се фаќаат во стапицата, се залетуваат по материјалното, некои по коцка, некои по криминал, некои по двете. Сиромаштијата само го забрзува тоа: годините што треба да бидат за запознавање ликови во книги, стануваат години на запознавање џганови и лихвари во пет сабајле.
Кога ги гледам податоците од истражувањето на ИЈЗ, си замислувам како овој текст е напишан за тие деца кои сега седат дома со нивните на ручек и, на прашањето Како си поминавте вчера со другарите?, исто како нас, ја подголтнуваат кнедлата што им стои во грлото и кажуваат „супер“, додека мислите им се враќаат на претходната вечер, како ги губеле тешко заработените пари на своите родители и се обвинуваат дека ова е нивен личен проблем и неуспех, а не системски. Во извештајот The Gambling Harms Severity Index (GHSI) штетата од коцката не се гледа само како „лоша навика“, туку се мери во целина, преку менталната благосостојба, финансискиот удар, односите и штетата кон другите, што јасно покажува колку далеку се прелева надвор од самиот коцкар. Според истражувањето, „високо-ризичното коцкање“ е оценето како поштетно од „високо-ризичната консумација на кокаин“ (94.7 наспроти 86.8).
Минатата година министерот за спорт со нашите истакнати спортисти склучи еден, како што вели, „џентлменски договор“, со кој им забрани да промовираат игри на среќа преку државната лотарија – одлука која иако е за поздрав, сама од себе не е доволна. Фреквентноста на места каде што можеш да се коцкаш, во нашиот дискурс веќе никој не ја тематизира. Кладилниците и казината станаа дел од естетиката на населените места, во помалите места ситуацијата е уште полоша, на цело село има две збирни места, едното е кладилница, а другото е кооперација. Во периодот додека го пишувам овој текст, граѓанската иницијатива „Шанса за Центар“ направи мапирање на кладилници и казина во општината. Тие предупредуваат дека Центар станува „казино-општина“ и дека, како што постојат извори на загадување на воздухот, така постојат и извори на загадување на духот. Освен тоа, токму (зоната околу) казината и обложувалниците се сметаат за едни од најнебезбедните места во градот, привлекувајќи „сомнителни“ ликови и/или лица во алкохолизирана состојба, како што потврдуваат и истражувањата на „Реактор“ за безбедноста на жените и девојките во јавниот простор.

Коцката е најлошиот порок, според истражување на СЗО – за секој човек што се коцка на високо ризично ниво, во просек се афектирани уште шест други лица од неговата околина, најчесто лица што не се коцкаат. Во мала средина како нашата, ако ја направиме математиката, ќе испадне дека речиси и да нема човек кој на еден или на друг начин не бил погоден од овој проблем. Тоа што коцкарниците се насекаде и нè прогонуваат, тоа што аргументираат дека оваа индустрија вработува многу лица и дека ние не знаеме „што би правеле со нивните семејства“ доколку ги затвориме, не треба нас да нè загрижува. Зошто ако ја прифатиме таа логика како аргумент, тогаш економската корист ќе стане доволна причина да се трпи и секој друг штетен бизнис што разорува животи, само затоа што на некого му носи плата.
Песимистите, кои за себе велат дека се реалисти, ќе ни кажат дека промена не е можна, но тоа е работата на песимистот, да биде безнадежен. Убеден сум дека песимистите и во Бугарија го мислеле истото, па сепак таму во 2024 година парламентот усвои измени со кои речиси целосно се забрани рекламирањето на коцкање во медиумите, на телевизија, радио, во печат и во електронски медиуми, вклучително и на веб страници. Убеден сум дека и во Романија песимистите немале надеж, но и таму во 2024 година се донесе т.н. Закон за слот машини, со кој се забрани работа на слот-сали во населби со помалку од 15 000 жители, токму за да се намали достапноста во малите средини каде што ударот е најсилен.
Кај нас справувањето веројатно ќе биде потешко, поради ослабнатите институции кои не успеваат да ги заштитат своите граѓани од притисокот на коцкарската индустрија. Но не е невозможно. Антикоцкарското движење се појави пред неколку години, но брзо згасна под силен притисок од Австрија и лобирање против измените на Законот за игри на среќа, кои предвидуваа одалечување на казината во радиус од 500 метри од училиштата. Но државата која треба да ги регулира казината, исто така, заработува од нив – според податоците обезбедени од Министерството за финансии, во 2022 година Владата заработила речиси 88 милиони евра од индустријата, како што покажува истражувањето на ИРЛ од 2024 година.
Иднината на средношколците кои се кријат зад овие бројки е и во рацете на нашата генерација. Кога велам нашата генерација мислам на сите оние од 18-35 години кои одлучија да останат во Македонија и да работат оваа земја да биде пристојна и хумана. Не го зборувам ова поттикнат од мојот месијански комплекс, едноставно мислам дека претходни генерации дозволуваа одговорноста за ова општество да се лизга низ нивните раце како мразулец, несвесни дека секој изминат ден, мразулецот се топи, а преку неговото топење, се топи и шансата за пристојна иднина. Сите изблици на слобода кои се случуја во 2025 година, сите протести и сите грла кои повикаа на промена, не беа залудни. 2025 година беше година во која се појави цела нова генерација на активисти по различни прашања, правда, животна средина, родово базирано насилство, воздух, животен стандард. Си дозволувам да го зборувам oвa бидејќи енергијата од улицата ми ја обликуваше смислата на моето постоење, неверојатно е чувството да се биде дел од колектив предводен од надеж за подобро. Неверојатно е чувството да гледаш како се менуваат животи на луѓе во секунди, како изгледа еманципацијата во својата најсирова форма, како изгледа созревањето во својата најбрутална форма, како изгледа една цела генерација која не сака да се откаже од идејата за ,,нормална држава”.
***
Денес имам 26 години и сум среќен што одамна сум го напуштил овој порок. Денес како и тогаш немам финански потреба да влезам во казино. Но имам морална потреба да повикам на здружување и продолжување да се работи и дискутира на оваа тема – дали тоа ќе биде деструктивно или конструктивно ќе зависи од тоа колку системот ќе (одбива да) слуша. Јас сум подготвен за двете насоки.