Нутриционистот ми рече дека треба да јадам коренест зеленчук
Рече, кога би успеала да јадам по тринаесет репки дневно
би била заземјена,
вкоренета.
Рече, главата нема да ми одлетува таму каде што е темно.
Гатачката ми рече дека на срцево имам тежина
Рече, за илјада денари ќе ми кажела што да направам,
ѝ ја дадов илјадарката
а таа ми кажа: „Не грижи се, душо, ќе си најдеш добар маж некогаш.“
Првиот психотерапевт ми рече да седам по три часа дневно во плакарот,
мижејќи, со затнати уши,
се обидов еднаш, но не можев да престанам да мислам колку е геј
да седиш во плакар
Јогито ми рече да растегнувам сѐ освен вистината
Рече: „Фокусирај се на издишувањето,
посреќен е оној што гледа повеќе да даде отколку да земе.“
Фармацевтот ми рече: Клоназепам, Ламотригин, Литиум, Ксанакс,
Докторката ми рече дека можеби Антипсихотик ќе ми помогне да го заборавам
тоа што ми го кажала траумата
Траумата ми рече: „Не пишувај ја песнава,
никој нема да те слуша како плачеш за тагата што ти е вгнездена меѓу коските.“
Коските ми рекоа: „Тајлер Клементи скокна во реката Хадсон, убеден дека е сосем сам.“
Коските ми рекоа: „Напиши ја песната.“
Светлина.
Мислите кон речното легло.
До лустерот на твојата судбина што виси на конец.
До секој ден кога не можеше да станеш од креветот.
До метата на твојот зглоб.
До секој кој некогаш посакал да умре.
Ми имаат кажано дека, понекогаш, најмногу помага
да си повториш пак и пак и пак
дека и други се чувствуваат вака.
За тоа „утре“ што дошло и заминало
а не се сменило на подобро
кога си стигнал до половина со писмото за мајка ти
во кое велиш: „Се колнам дека се обидов.“
Но кога мислев дека го допирам дното,
тоа почна да ме удира назад.
Нема модринка како онаа што осаменоста ти ја удира во ‘рбетот
Слушајте ме кога ви велам дека знам за оние денови кога ви изгледа дека
светот танцува на улиците додека се распаѓате како врата од ограбена зграда.
Не сте сами кога се прашувате кој ќе биде осуден за злосторството на тоа што инсистирал да ја скриете вашата тага во одајата на срамот.
Не сте слабаци само затоа што срцето ви тежи.
Немам сретнато натежнато срце кое не личело на телефонска говорница
со црвена наметка внатре
Некои не можат ни да разберат каква супер-моќ им е потребна на некои луѓе
само за да излезат надвор
Знам дека некои денови насмевката ми личи на олук од куќа
што се распаѓа –
но со рацете цврсто се држам за падобранот на вербата
дека животот може да биде богат како почвата,
може да создаде храна од распаѓањето,
може да претвори рана во автопат,
да ме качи во камион со налепница што вели:
„Да имаш добро здравје не значи да се прилагодуваш на болно општество.“
На никого повеќе не сум верувала
како на оние чијшто глас се кршел
врискајќи на срцето да продолжи да им пулсира
Четири ноќи пред Тајлер Клементи да се фрли од мостот Џорџ Вашингтон,
седев сама во хотел во мојот град,
пресметувајќи колку ќе треба да проголтам
за да ги задржам апчињата за спиење во себе
Она што го знам за животот е дека болката никогаш не е само наша
секој пат кога ме боли, знам дека раната е ехо
затоа останувам да слушам до моментот кога тагата ќе стане прозорец,
кога ќе можам да го видам она што не сум можела порано
Низ стаклото на мојот најразнишан сон,
видов како едно глуварче полудува на ветрот,
и отпосле, расфрли илјада семиња.
Затоа следниот пат кога ќе ти кажам колку лесно си излегувам од кожата,
не обидувај се да ме вратиш назад,
само кажи: „Еве сме, заедно покрај прозорецот, копнееме сè да стане подобро,
но знаеме, колку и да боли, дека можеби срцата само си ги изгребале колената,
знаеме дека има шанса најлошиот ден допрва да следи.“
И нека стои запишано дека упорно ќе го канам светот на танц,
и покрај тоа што ми ги гази светите стапала.
Tи, ти остани тука со мене, важи?
Остани тука со мене.
Стисни заби против горчината на темнината
со твојот светол копнеж
со твоите блескави тупаници на загубата
Сопатнику,
ако единственото нешто што го добиваме со тоа што остануваме тука
е да се имаме еден со друг –
боже мој, тоа е доволно
Боже мој, тоа е и повеќе од доволно
Боже мој, тоа е толкав дар од светлината,
да си шепотиме едни на други зад грб одново:
„Живеј“
„Живеј“
„Живеј“
Андреа Гибсон (they/them), пионерски квир поет познат/а по искрените истражувања на идентитетот, љубовта и смртноста, почина на 49-годишна возраст на 14ти јули, 2025. Како што се вели во објавата на нивниот профил, Гибсон почина „во својот дом опкружен/а со сопругата Мег, четири поранешни девојки, родителите, десетици пријатели и три сакани кучиња“.
„Откако дозна дека има рак во 2021 година, Андреа не престана шампионски да изнаоѓа убавина на неочекувани места и да ја задржи благодарноста за животот во најтешките часови“, се вели во објавата. „Во текот на последните четири години, танцуваше со својата дијагноза и постојано го насочуваше својот внатрешен компас кон радоста. Едно од последните нешта што Андреа ги кажа беше: ‘Јас еб*но многу го сакав мојот живот’.“