Пред две години, напишав текст за проблемот со порастот на популарноста на т.н. „ред пил“ движења и мажосферата (manosphere), гледано низ популарноста на нивниот предводник Ендру Тејт. Уште веднаш, Инстаграм профилот на „Медуза“ беше преплавен со хејт коментари од претежно млади момчиња кои го бранеа својот role model. Коментарите беа толку агресивни и масовни, што моравме да ги исклучиме коментарите под објавата.
Ние од „Медуза“ и јас како авторка на тој текст, директно се судривме со тој „мајндсет“ кој не бира зборови, односно навреди, за да нѐ нападне и замолчи. Во главите на тие момчиња, Тејт е оној кој е богат и успешен, а ние сме тие кои му љубомориме. Неговиот статус и богатство се олицетворение на моќта и машкоста кон кои овие мажи се стремат, а ние – жените, феминистките – сме тие што им го попречуваат патот и сонот, сакајќи да ги лишиме од машкоста.
Токму за едно вакво момче говори и новата серија „Адолесценција“ (Adolescence, 2025) на режисерот Филип Барантини. Инспириран и сериозно алармиран од вистински случаи на убиства на девојчиња од страна на нивни соученици, Барантини решил да го адресира овој проблем со мини-серија од четири епизоди снимени во еден кадар. Серијата е успешна зашто директно нè соочува со светот во кој расте и се радикализира едно момче, околностите што го градат таквото размислување, како и внатрешниот монолог што го поттикнува и оправдува неговото екстремно однесување.
„Адолесценција“ маестрално ја разоткрива нефункционалноста на институциите испречени пред инцелската култура: полицијата, училиштето, општеството, семејството, но и потфрлањето на заедницата. Нè соочува со технолошкиот развој во онлајн комуникацијата како навидум засебен свет, односно алтернативна институција што стихијно гради вредности и создава личности кои треба да функционираат во реалниот скршен систем. Феномените како Ендру Тејт востоличени од неконтролираниот онлајн свет се прелеваат во стварниот (бидејќи се дел од него) и уништуваат сè што претходно сме го сметале за свето. Сепак, остануваме колективно слепи и онлајн сферата сѐ уште ја доживуваме како нешто изолирано и не-доволно-реално, наместо како интегрален дел од и одраз на нашето секојдневие.
Опасностите од алгоритмите што ги хранат нашите предрасуди и ги засилуваат екстремните идеи за „другите“ се водени од само еден единствен механизам – профитот. Правила на игра не постојат, победник е оној кој ќе успее да привлече повеќе кликови, повеќе прегледи и повеќе бурни реакции, од кои најмоќни се омразата и стравот. Токму преку овие емоции се манипулираат, а потоа мобилизираат момчињата да заземат толку ригидни и деструктивни ставови, а насобраната фрустрација потоа се прелева во физичката стварност во вид на монструозни дела, па дури и ладнокрвни убиства.

Во коментарите на текстот за Тејт имаше многу закани, а таквите коментари ги гледаме и на објави и вести поврзани и со родово-базирано насилство и фемициди. Обвинувањето на жртвите е честа појава при семејно или какво и да е насилство извршено над жени, а неретко се дава и поддршка за сторителите. Во последната епизода на серијата, гледаме како случаен продавач во голем маркет за работни материјали и алати, и самиот дел од „ред пил“ движењата, го препознава таткото на Џејми (кој веќе е во поправен дом) и му дава поддршка известувајќи го дека има заедница што го поддржува. Ова е можеби еден од најалармантните моменти во целата серија, зашто нè соочува со сознанието дека овој проблем не се решава со ставањето на еден малолетник во затвор, кога веќе постои една цела армија што се тренира да продолжи со истите наративи и постапки. Мизогинијата е секако вкоренета во традицијата на патријархалните општества, но сега засилена со алгоритмите го прави овој проблем уште посилен и незауздан.
Па така, серијата точно го детектира сѐ почестиот тренд: цели генерации на млади момчиња се приклучуваат на онлајн заедници кои шират омраза кон девојчиња и жени, ги навредуваат, понижуваат, уценуваат со интимни содржини, а се спремни дури и да ги нападнат и, во крајност, да ги убијат. Доволно е девојката да покаже свој став, избор или желба што не се совпаѓа со очекувањата на традиционалната женственост – таа веднаш станува „проблем“ и мора да биде казнета. Денес, во делови од светот каде што жените уживаат поголема еднаквост, пристап до образование и кариера, финансиска независност и телесна автономија, се појавува отпор не само од институциите и системите на моќ, туку од самите мажи. Независноста на жените ја предизвикува не само женската, туку и традиционалната улога на мажите. Одеднаш, жената не му се восхитува (само) на мажот, не му е подредена и не зависи од него. Со тоа, се поткопува учењето на патријархатот дека мажот мора да биде „заштитник“ и „обезбедувач“ (provider), но не и желбата за контрола и целосна моќ врз жените баш поради тоа што голем дел од нив сега имаат право, услови и избор да постават граници, да кажат „не“, да си заминат, да живееат слободно и самостојно.
Затоа, на прашањето зошто толкав број момчиња се приклучуваат токму на вакви групи, кои гаат мизогинија и охрабруваат насилство кон жените одговорот е едноставен и лежи во преголемиот јаз помеѓу очекувањата и реалноста. Момчињата се израснати во свет во кој машката привилегија е аксиком. Одгледани се со очекувања дека поради самиот факт што се родени како машки имаат загарантирано право секогаш да водат, да бидат чуени и послушани, да носат одлуки (во туѓо име) и да бидат успешни, но и сакани без разлика на нивното однесување, труд и постапки. Одглeдани се со очекувањето дека го претставуваат и живеат машкиот принцип.
Не случајно, во третата епизода се спомнува фигурата на дедото на Џејми како маж кој растел во сосема поинаков свет, каде машката привилегија наспроти женската покорност и послушност биле единствена норма. За Џејми, тој дедо е поблиску до идејата за „вистински маж“ што се пласира во мажосферата и идеалот кон кој тој се стреми. Но реалноста во која живее е поинаква: таму го дочекуваат девојчиња со свој глас и став, психологиња со знаење и авторитет, свет во кој жените веќе не се во сенка на мажите.

При разговорот со експертката, испливува неговата вознемиреност. Нејзината способност да го прочита, да му постави граници, да ја разоткрие неговата објективизација и потенцување на жените кај него раѓа конфликт. Не знаејќи како да ја одбрани својата позиција и да ја задржи контролата, се повикува на агресија: турка предмети, удира по маса, се заканува.
Во таа сцена ја гледаме суштинската немоќ што се крие зад машката агресија. Го сведочиме гневот на момчињата и мажите кому патријархатот им ветува сè, само за да ги разочара кога ќе сфатат дека и во тој систем владее хиерархија и стандарди превисоки и ограничувачки дури и за самите мажи. Алгоритмот не им ја покажал вистината дека понижувањето и омаловажувањето само ќе ги направи уште поосамени. Не се соочиле со фактот дека жените не им ги крадат позициите или моќта, туку се заробени во истиот крволочен систем што ги цица и искористува сите тела за профит.
Во оваа состојба на тотално погрешни конструкти за светот, општествениот поредок и центрите на моќ, овие млади луѓе се користат како пешадија за ликовите како Ендру Тејт да се качат уште повисоко во хиерархијата и да добијат уште повеќе моќ. Како резултат на ова, денес имаме обвинет силувач на функција претседател на најмоќната држава во светот, а самиот Тејт основаше партија во Велика Британија и изрази желба да се кандидира за премиер. Но доколку го расчлениме проблемот со порастот на мизогинијата и агресијата кај младите момчиња – во загрижувачки голема мера присутни и кај нас – може да дојдеме до потенцијални насоки за каде оттука.
На пример, „Адолесценција“ нѐ соочува со проблемите во образованието: очигледно е дека образовниот систем е речиси комплетно отсечен од реалноста и веќе подолго време каска зад технолошкиот развој што овозможува пораст на достапноста на информации преку други канали. Овие нови канали нудат алтернативно образование, современи начини на комуникација, дискусија и развој, позабавни се и повеќенасочни. Новите комуникации овозможуваат да се чувствуваме поврзани, да најдеме заедница и цел. Секој/а може да најде начин да биде слушнат/а, виден/а и валидиран/а, и секој/а може да ги има своите 5 минути. Но најчесто оние кои се најгласни во тој простор се токму оние кои повикуваат на омраза, насилство и омаловажување на другите. Образованието мора да се прилагоди на овој незапирлив комуникациски развој и да им понуди вистинска алтернатива на децата и младите. Истовремено, потребни се и посуштински регулативи на дигиталниот простор што би ја зголемиле одговорноста на оние кои шират омраза и поттикнуваат насилство што води до реални и неповратни последици.
Следствено, во овој безмилосен систем во кој најголемиот дел од нас пробуваме само да преживееме, и семејството како институција не успева да ја оствари својата воспитна улога, особено во ниските, но и средните класи, поради преработеноста на родителите, како и отежнетото воспоставување на комуникација помеѓу генерациите поради тоа што говорат на сосема различен јазик. Потребна е едукација и поголема вклученост на родителите за полесно да ги разберат своите деца и светот во кој растат. Тука поголема вклученост е потребна и од социјалните служби.
И на крај неминовно мора да ја адресираме и важноста на непосредната заедница, која денес во физичка форма е речиси непостоечка поради намалениот број на јавни простори и заретчувањето на културните настани, освен оние што во себе содржат чиста забава и спектакл. Изолираноста расте и се „лекува“ со поврзаност во дигиталниот простор. За подобрување на оваа состојба локалните заедници и општините треба да понудат повеќе можности за заедничарење и поврзување на локалното население и пред сè младите. Зголемување на бројот на јавни простори каде што младите можат да се поврзат преку различни активности, исто така, би ја намалило изолираноста.
Што се однесува пак до искоренување на патријархалните штетни наративи, би се лажеле кога би кажале дека оваа борба е лесна и брза. За остварување на таа победа, потребна е вклученост на сите кои сакаат да живеат во порамноправен и праведен свет за сите. Сите да се свесни за своите привилегии и да бидат способни да се откажат од нив кога се добиени на сметка на туѓа потчинетост. Најпосле, потребно е во јавниот дискурс да бидат присутни и повеќе позитивни модели на машкост, но и освестени мажи, како што се креаторите на оваа серија кои се свесни за расипаноста на системот кој упорно нè навраќа на еден неодржлив, лажен и насилен наратив што ни ги убива децата. И не само што се свесни, туку решаваат да преземат нешто во врска со тоа.
Биологот и теоретичар Едвард о. Нилсон преку следниот цитат успешно ја доловува ситуацијата во која се наоѓа светот денес: „Вистинскиот проблем на човештвото е следниот: имаме палеолитски емоции, средновековни институции и божја технологија.”